Трифун Костовски против Македонија во Стразбур за „Еуростандард“
Трифун Костовски и Коста Костовски против Северна Македонија во судот во Стразбур кој денеска објави дека упатил официјални прашања до владата за случајот кога на сопствениците на Еуростандард им беше замрзнат имотот во истрагата за пропаѓањето на банката, пренесе Телма.

Со тоа, Европскиот суд за човекови права ја почнува првата фаза по апликацијата на Костовски. На таткото и синот Костовски во три наврати им бил замрзнат различен имот, недвижности, објекти, куќи, земјиште и возила, а кога барале да им се одмрзне не добиле одговор од Кривичниот суд во Скопје. Апликацијата е поднесена во 2023-та година кога истрагата отворена на крајот на 2020-тата година се уште беше отворена. Костовски навеле дека според македонското право, истражните органи треба или да ја прекинат истрагата или да поднесат обвинение најдоцна во рок од 21 месец по отварање на истрагата.
„Подносителите на жалбата се жалат согласно член 6 од Конвенцијата дека неуспехот на домашните судови да одлучат по нивното барање за укинување на налозите за замрзнување го повредило нивното право на пристап до суд. Тие дополнително се жалат согласно член 1 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата дека продолжувањето на важноста на налозите за замрзнување претставува незаконско и непропорционално мешање во нивните сопственички права“, соопштуваат од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
И додека во Стразбур повеќе од три и пол години беше апликацијата, за Костовски и за двајца екс директори во Еуростандард беше поднесено обвинение за две дела – предизвикување на стечај и за несовесно работење во службата. Во обвинението го нема перењето на пари поради кој беше замрзнат имотот на Костовски што е нотирано и во првата одлука на Стразбур. Обвинителството тврди дека биле издавани кредити без покритие кои не биле враќани на Еуростандард при што е предизвикана штета од 27 милиони евра, а Трифин Костовски негираше злоупотреби и тврдеше дека нема потврда за злоупотреби на огромната сума на пари. Судот се уште не го оценил обвинителниот акт, а имало и неуспешни достави на обвинението за Коста Костовски, ни рекоа во кривичниот суд.






