Тројца осомничени дека палеле отпадни кабли кај депонијата „Буково“ за да вадат бакар
Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица осомничени за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“ од член 230 став 1 од Кривичниот законик.

Според Обвинителството, тројцата соизвршители на 17 септември дошле со товарно возило полно со отпад во близина на депонијата „Буково“.
Таму започнале да горат отпадни гумени кабли со цел од нив да ги издвојат бакарните жици. При согорувањето се создал чад, при што во воздухот биле испуштени штетни материи.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Охрид доставил и предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени.
Како што наведуваат од Обвинителството, предлогот за притвор е поднесен, пред сè, поради опасност од бегство, како и можноста осомничените да влијаат врз сведоци во постапката.






