Тропска бура на Филипините однесе најмалку седум животи

Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор денеска изјави дека невремето погодило речиси 27 000 луѓе и дека напорите за пребарување и спасување ќе продолжат

Филипинските власти соопштија дека најмалку седум лица загинале како последица тропската бупа Евиниар, која ја погоди земјата за време на викендот, пренесуваат светските агенции.

Бурата Евиниар донесе силен ветер и силен дожд, поради што беа затворени аеродромите и поморските пристаништа на Филипините и предизвика прекин во снабдувањето со електрична енергија во земјата.

Според националната агенција за катастрофи 14-годишно девојче го загубило животот во јужната провинција Мисамис Ориентал, откако паднало дрво врз паркираното возило во кое се наоѓало. Агенцијата известува и за уште еден ученик кој е повреден.

Во провинцијата Кезон, источно од главниот град Манила, пријавени се шест мртви, меѓу кои двајца мажи на возраст од 56 и 22 години кои се удавиле и 39-годишен маж кој бил погоден од дрво, соопштила полицијата.

Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор денеска изјави дека невремето погодило речиси 27 000 луѓе и дека напорите за пребарување и спасување ќе продолжат. Тој извести дека за време на викендот била прекината работата на три воздушни и девет поморски пристаништа.

Евиниар е првата тропска бура што ги погоди Филипините оваа година. Во оваа југоисточна азиска земја се забележуваат просечно 20 бури годишно, кои често резултираат со обилни дождови, силни ветрови и смртоносни лизгања на земјиштето, наведува Ројтерс

Back to top button
Close