Турција и Иран се спречкаа околу Сирија

Турција денеска го повика иранскиот отправник на работите во Анкара во врска со наводите на одредени ирански официјални претставници за Турција, изјави портпаролот на турското Министерство за надворешни работи Онџу Кечели, јави Анадолија.

Кечели истакна дека иранскиот отправник на работите бил повикан во Министерството за надворешни работи за „размена на мислења и осврнување кон тие наводи“.

Истакнувајќи дека турските и иранските претставници редовно се среќаваат и разменуваат мислења, тој рече дека на средбата се разговарало и за билатерални прашања.

– Забележано е дека иранските власти во последно време искажуваат повеќе критики во јавноста против Турција, изјави Кечели, додавајќи дека досието подготвено од Министерството за ова прашање претходно било проследено до иранската страна.

– Сметаме дека надворешнополитичките прашања во никој случај не треба да се користат како материјал за внатрешната политика … Во тој поглед, ние претпочитаме да ги пренесуваме клучните пораки кои треба да се достават до друга земја директно на нивните соговорници. Оваа патека ја следевме и денес, рече тој и додаде дека Турција високо ги цени односите со Иран и оти е важно тие да зајакнат.

Претходно Техеран го повика турскиот амбасадор на разговори откако турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан ја критикуваше политиката на Техеран за поддршка на милициите во Сирија и на други места во регионот. Висок помошник на иранскиот министер за надворешни работи вчера се сретна со турскиот амбасадор во Техеран.

„Заедничките интереси на двете земји и чувствителноста на регионалните околности бараат избегнување на погрешни коментари и нереални анализи кои можат да доведат до несогласувања и тензии во нашите билатерални односи“, соопшти иранското МНР.

Иранскиот функционер Махмуд Хајдари, исто така, му рекол на турскиот амбасадор дека муслиманските земји треба да ги фокусираат напорите на запирање на израелските „злосторства и агресии“ на палестинските територии и Сирија.

Во интервју за телевизијата Ал Џезира емитувано минатата недела, Фидан ја критикуваше надворешната политика на Иран, опишувајќи го потпирањето на Техеран на милициите во регионот на Блискиот Исток како „ризична стратегија“ и повикувајќи на промена на политиката. Портпаролката на иранската влада Фатемех Мохаџерани рече дека изјавите на Фидан се „неконструктивни“.

Тензиите меѓу двата соседа доаѓаат откако падот на владата на поранешниот претседател Башар Асад во Сирија го ослабна влијанието на Иран во земјата, а истовремено го зајакна турското. Новата сунитска исламистичка влада ги гледа милициите поддржани од Иран како закана.

Back to top button
Close