Турција сака да се ослободи од С-400 за да ги купи американските Ф-35

Турција побарала од Русија противвоздушниот систем С-400 да биде префрлен во трета земја, со надеж дека на тој начин ќе се отвори патот за повторно вклучување во американската програма за борбените авиони Ф-35, пренесува „Блумберг“, повикувајќи се на турски извори запознаени со разговорите.

Според истите извори, Анкара ги започнала разговорите со Москва само неколку месеци откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предложил системот С-400 да биде вратен во Русија, но таа идеја не добила поддршка. Сега Турција се обидува да добие руска согласност системот да биде префрлен во трета држава, иако ниту тоа, според американски сенатори, можеби нема да биде доволно за да се отстранат безбедносните сомнежи на Вашингтон.

Разговорите со Русија започнале пред неодамнешниот самит на НАТО, кога американскиот претседател Доналд Трамп навестил дека би можел да ја укине забраната за продажба на авионите Ф-35 на Турција.

Претходно, Анкара понудила компромис со кој би го задржала системот С-400, но би им овозможила на Соединетите Американски Држави надзор врз неговото функционирање за да се отстранат стравувањата дека системот може да собира податоци што би ги загрозиле способностите на авионот Ф-35. Сепак, и овој предлог бил одбиен од американската страна.

Турските власти тврдат дека системот С-400 во моментов не се користи оперативно, иако се наоѓа во арсеналот на земјата.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Москва и Анкара разговарале за ова прашање, оценувајќи го како „исклучително чувствително“. Тој додаде дека контактите ќе продолжат, но не откри дополнителни детали.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сè уште нема донесено конечна одлука дали ќе ѝ дозволи на Турција повторно да ги набавува борбените авиони Ф-35, но посочи дека е наклонет кон таква можност.

Турција беше исклучена од програмата Ф-35 во 2019 година, откако го набави рускиот систем С-400, а една година подоцна САД воведоа санкции кон турската одбранбена индустрија според законот CAATSA. Доколку Анкара успее да го реши спорот околу С-400, тоа би можело да придонесе за подобрување на односите со Вашингтон и за укинување на дел од американските санкции, објави Скопје1.мк

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close