ТВ 21: Анел Фидоски најсериозен кандидат да ја преземе функцијата на Гаврил Бубевски на чело на скопското обвинителство


Советот на јавни обвинители на 20 јануари ќе одржи седница на која ќе се избира нов раководител на Основното јавно обвинителство Скопје, поради истекот на мандатот на актуелниот шеф Гаврил Бубевски на 18 јануари.

Како што пишува ТВ21 на својата веб страна, неофицијално како најсериозен кандидат за функцијата на Бубевски се споменува обвинителот Анел Фидоски. За позицијата интерес покажале и обвинителите Тања Трајчевска, Дејан Петрески и Спасенка Андонова, која важи за кандидатка со најдолг работен стаж, повеќе од 20 години. Пријавените кандидати имаат професионално искуство од шест до дваесет години и зад себе имаат повеќе значајни предмети во јавноста.

На истата седница ќе се избира и раководител на Основното јавно обвинителство Тетово, каде единствен кандидат е актуелниот шеф Бесир Алиу.

Изборот на ново раководство на скопското обвинителство се случува во период на кадровски промени во обвинителската структура, по оставката на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и назначувањето на Анита Тополова Исајловска за в.д. јавна обвинителка.

Back to top button
Close