ЊУЈОРК: АВЕНИИ НА ЉУБОПИТНОСТА (втор дел)

(Уметничкиот крвоток на градот)

II

(Уметничкиот крвоток на градот)

Кога ќе го совладате во себе синдормот на францускиот марксист или желбата сè да објасните и да ставите во фиоки…, имено кога ќе се предадете на градот, до граница да допуштате да ве сомеле, ви станува попригодна идејата на Жоел Голдфајн од „Зима на умот“: одите по улиците со т.н. радикално внимание.

Таа идеја води потекло од праксите на Ги Дебор, Ситуационистите и Дадаистите во Париз во 50-тите, кои како концепт се шетале анархично и дезoриентирано низ Париз, без цел и темпо предизвикувајќи скандали при одењето со денови, а во еден случај и цели два месеци. Целта била да се отргне вниманието од целното одење, брзањето нешто да се заврши и рационализацијата на тој свет, или како велат Њујорчани: секогаш, најмалку десет минути доцнат онаму каде требале да бидат и затоа одат брзо и се нервираат ако некој на улица се влече без цел.

Идејата на Ситуационистите ја разработува денес една Бруклинска иницијатива која се нарекува: Стротер Школа на Радикално Внимание. Идејата, грубо, е да се исклучите од компулзивно користење на телефонот при движењето, да се посветите на деталите на плочниците на улиците и архитектурата на зградите, на лицата на луѓето, со скоро будистички став дека светот и градот се убави-до-болка. Со еден збор да се оттргнете од комодификацијата на вниманието, од дигиталниот живот кој е опишан како маскарада, од неможноста да посветите на нешто повеќе од пет минути насочено внимание, што ве срушува и прави роб на комодификациската зависност. Таквото фрактално внимание создава адиктивни содржини инсталирани во нашата свест, кои ја протеруваат волјата и способноста за грубо, целовито и концентрирано внимание. Ова последново ни е потребно како основа за секоја сериозна одлука во нашите животи или за сериозно уживање и восприемање на во овој случај просторот и уметноста околу вас. Токму такво внимание ви треба при одењето низ блоковите згради “засекогаш“ и никогаш досадувајќи се.

Оваа школа издава „Манифест за слобода на вниманието“ кој е супер четиво и во кое сите овие ситни и покрупни техники за одбрана на слободата на посветеното, целовито и фокусирано внимание треба да креираат „политички простор“ на ослободување и активизам за граѓанска солидарност, а која почнува со земање на голем, длабок здив и води кон задржување, спасување на вниманието како центар на граѓанското ослободување. Тоа сè треба да води, според Манифестот, кон свест за врската на ваквото внимание со квалитетот на животот и воедно таа свест да стане инструмент за борба против брокерите на капиталистичката економија на дефокусирање и фрагметирање, пренасочување на нашето вниманието кон комодикациско плитко задоволување, што пак во основа е експлоатација на сите нас. Јако!

Ова сè го споменувам за да стане појасно со каков анархичен обид на одржување внимание се тренирав да одам низ уметничките содржини на Њујорк.

Градот има ниво на интензивна стејт-оф-арт продукција или изложби на уметност од галериите на Гагосијан на Медисон и дваесеттина галерии во т.н. Галериски Кварт (од 19 до 27 улица, меѓу Десетта и Единаесета Авенија), и едно парче урбана градба кај Канал Стрит на Кортланд Али. Нив можете да ги посетувате неделно еднаш во серија, после работа и неверојатно фино инфо доаѓа! Но тоа е продукција која ја има и во други градови (Берлин, Лондон, Париз), можеби не толку интензивна, но постои и за мене беше помалку интересна страна на уметноста во Њујорк.

Она што фасцинира и е ново во градот и во светот, имено, е естетизација на политичкиот протест за права, посебно во случај на Црните животи се вредни (Black lives matter), во неколку фешн-модни, концептуално артистички, музички и хепенинг линии на случувања. Тоа заедно со плодната и забавна квир продукција е срцето и крвта на уметничко-креативниот, возбудлив живот во градот.

Тие продукции имат свои места каде најчесто се случуваат нивните хепенинзи: тоа се бутиците на ЛААМС и АВЕИК (LAAMS=Loоk at all my shit) и AWAKE – позајмено од будистичката изрека „се разбудив-се просветлив) на Орчард Стрит (Orchard street / Lower East Side) Долен Источен Дел, и Бруклин Циркус на Канал Стрит. Сите овие продукции се однесуваат на естетизација на протестите за правата на Афро-Американците во САД.

Нормално на францускиот марксист во сите нас ќе му делува иронично и израз на немоќ – естетизирањето на борбата за права која не продуцира резултати во политиката, па сега се изразува во модата. Но неверојатно колку не е така и колку овие линии на акција, задоволство и сериозен уметнички и дизајнерски фешн се моќни и имаат моќни пораки и мобилизации. Колку всушност Рансиеровската идеја за естетизација на борбата за човековите права и политиката воопшто не како плитка убост, туку како материјализирана емотивна чувственост на политичките пораки и борби – е вистинита и наоѓа олицетворение во овие перформанси и иницијативи. Естетската вредност, во оваа смисла, не доаѓа од универзални одговори на тоа што е убаво, туку од дистрибуцијата на сетилното, како доволен резервоар за стиловите на живот што прштат со алтернативни и настрани сигнали – гетото го возвраќа ударот и тресокот се слуша не само во Бронкс туку во најживиот дел на Менхетен – даунтаун.

Овие клубови-бутици и кафеа се само места на и околу кои се создаваат флуидни заедници на уметници, поети и филозофи, каде се собираат, разменуваат и заеднички работат. Зад себе создаваат серија на симпатизери кои радосно учествуваат во настаните, а кои се редат богами на секои две недели и сето тоа струи низ медиумите и изгледа гламурозно, убаво и интересно.

На овие групи им се приклучуваат во солидарност и заеднички фешн проекти славни рапери, квир ведети, спортисти и уметници. Сè врви од дизајн, музика и убав свет. Некогаш мошне, мошне откачен, какви сè фрикови има таму, но јебига тоа е тоа.

Проектите се засилени со трендот – големите фирми и имиња од дизајнот и од музиката да соработуваат со овие релативно мали уметнички продукции. Така, шампионски е потегот на Пума наречен Пума-платно, да посвети серија патики кои ги самодизајнираат симпатизерите на хепенингот на ЛААМС на Орчард Стрит, на пример. Или сопругот на Ријана, раперот Ејсап Роки кој редовно се појавува на овие журки, после што настанува хаос. Втор на иста линија е дизајнерот Кид Супер, кој има студио во Бруклин и кој неодамна во Аполо центарот во Харлем, организираше неочекувана модна ревија во форма на стенд-уп-шоу со овој вид на пораки.

Квир сцената е втората оригинална и возбудлива уметничка продукција во Њујорк. Тaа всушност тоа отсекогаш била, откога транџите во Стоунвол барот (едни горопадни, нашминкани и дотерани Црнки/Црнци) ги кршат од ќотек полицајците кои постојано ги малтретирале и од кога, од таа ноќ во Стоунвол на Кристофер Стрит, 1969-та почнува движењето за права на геј и транс луѓето, кое има богата и возбудлива уметничка продукција.

Таков на пример е Џое Пабот на улицата Лафает (кој не е всушност паб туку уметнички центар) е сцена на извонредни музички концерти на квир музички ѕвезди. Јас имав среќа да видам само некои од нив: оној на Доријан Вуд со песни посветени на Шинејд О, Конор, Иво Димчев и транс дивата Џастин Бонд.

Во квир кругот спаѓа и фантастичниот мал бар Мерис Крајсис, на Грув Стрит, каде традиционално квир друштво под водство на маестро на клавир, заедно со весели туристи, од 16 часот до еден по полноќ , сите на глас пеат исклучиво арии од бродвејските мјузикли. Како таму “се отвори“ Џоле од Свирачиња, мене пријатно ме изненади.

Постојано изложување на продукција на уметнички творби од квир автори или квир теми има во Лесли Ломан музејот на Вустер стрит, кој простор за цел има да нè соочи со една многу едноставна но изобилна реченица што неодамна беше изложена на скинат лист од тетратката на Кенди Дарлинг, музата на Енди Ворхол: Јас сум илјадници различни луѓе – и сите се стварни.

Што да се каже за музичката сцена на Њујорк? Само моето радикално внимание ќе биде пресудно за моите забелешки за тоа море настани.

Голем дел се комерцијални, па дури и познатите џез клубови Блу Ноут, Вангард, Смалс имаат пристап: карта со вечера што одбива и бива одбиено. Но има неколку култни места кои прават разлика. Сè уште фантастичниот би-бап саксафонист Бил Саксон, во спик-изи хаусот во Харлем (каде се прославила Били Холидеј), свири две свирки неделно и ги свири фантастично, пред збиените и со нозе испреплетени слушачи. За мој вкус е џезот во Оринтолоџи џез клубот во Бушвик, Бруклин. Една секогаш млада џез сцена со извонредни свирачи и одлежана атмосфера, без еуфорија. Влезот е 10 бакс и пијачките се нормални.

Интересно, но музичката сцена во Њујорк “тајно“ ја прават некои Македонци. По мој вкус е креативната музика на Велибор Педевски – Попе и меланхоличниот етно на Крсте Роџевски.

На крајот ја оставив културата на купување или шетање по бувљаците на Њујорк. Бувљаци или пазарчиња за стари работи и втора-рака фешн има во многу градови, Париз е познат по нив. Но Њујорк има тренд на „вадење на својата утроба“ на нив и цел еден свет на прекрасните модни “шеести-хипи“ периодот и старите украински, руски и еврејски фамилии ги вадат своите парчиња накит, облека, есцајзи и модни драгулии, заедно со безброј импресивни плакати на филмови и џез концерти. Какви парчиња Ком-де-гарсон, моторџиски џоа-Џемс Дин јакни и парчиња џинс, сите неверојатни брендови на заборавени парчиња се таму и, секако, каубојски чизми и шапки (кои поради модна рециклажа, а и Бијонсе со кантри-албумот Каубој Картер станаа супер хит, повторно)…, што има таму – ќе ве шекне.

Убедливо најгуст и најдобар е Челзи Фли Маркетот на 26 улица, позади Српската Црква, меѓу Петта и Шеста Авенија. Какви парчиња графики и цртежи на млади уметиници сум се изнагледал таму, за што би рекол Грујо “џабалак“, не сте свесни… Одењето таму, секој викенд, во сабота и недела е шетање низ фешн историјата, низ животите на непознатите луѓе и фамилии, низ историјата на градот. Средби со некои прекрасни луѓе кои продаваат таму веќе дваесеттина години и муабетот со нив е духовно откритие, и анти-анксиозна терапија: некои од нив знаеја повеќе за Македонија од нашиов Министер за надворешни заедно со неговата ревизорка.

Одете драги мои во Њујорк и пешачете со радикално внимание по неговите улици, блокови и пазарчиња. Како вели Жан Бодријар во „Америка“ : Ќе го почувствувате совршенството на океанот, на залезите на сонцето (всушност, на изгреј сонцата на Ист Ривер и залезите на Хадсон) … таа бесмисленост на леснотијата на животот, таа хипер-реалност на сè овде, таа скандалозна убавина која се судира со неподносливата тешкотија на живеењето само со претпоставка на среќата“.

Љубомир Д. Фрчкоски

Кон првиот дел

Back to top button
Close