Уапсен наркодилерот Цуната, по филмското бегство од полициска станица и потерницата

Осомничениот дилер на дрога Александар Лазаров – Цуна вчеравечер е лишен од слобода во Скопје, потврдуваат од МВР.

– На 14.07.2026 по добиени оперативни информации за лице за кое од страна на МВР е распишана централна и меѓународна потерница, од страна на полициски службеници од СВР Скопје-Потраги од слобода е лишен Александар Лазаров (41) од Кочани. За Александар Лазаров беше распишана потерница по барање на Основен суд Кочани осомничен за сторено кривично дело по член 215 став 1 од Кривичниот законик. Лицето е спроведено во Полициска станица Кисела Вода за понатамошна постапка, соопштија утрово од полицијата.

Лазаров ред неколку дена им избега на полицајците од полициската станица во Кочани преку прозорец, а во понеделникот МВР по него распиша меѓународна потерница.

Лазаров, кој на полицијата ѝ е познат од порано, бил во полициската станица вечерта во саботата откако го привеле заедно со двајца придружници, поради тоа што, неофицијално полицијата во автомобилот им нашла бела прашкаста материја

Лазаров беше приведен под сомнение за кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, но успеа да избега преку прозорец од Полициската станица во Кочани.

Според сознанијата на „Скопје1“, Лазаров веќе издржувал затворска казна за истото кривично дело. Првпат бил уапсен во Скопје, а вторпат во Кочани. Меѓу жителите на Кочани е познат како лице инволвирано во трговија со дрога.

Неговото име беше спомнато и во истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“. Во исказ пред обвинител, сведокот Ана Томева изјави: „Лице познато како ‘Цуната’ беше главен дилер на дрога. Беше стално апсен, па пуштан.“

Во меѓувреме, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР води истрага за евентуална одговорност на полициските службеници од кои Лазаров успеа да избега.

Инаку, бегството на Александар Лазаров во саботата го обелодени опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), од каде соопштија дека лице приведено за трговија со дрога успеало да избега од полициската станица во Кочани. Од опозициската партија тогаш посочија дека станува збор за наркодилерот А.Л. викан Цуната, кој, според СДСМ, се поврзува и со т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.

Партијата упати и серија обвинувања до МВР и до ресорниот министер Панче Тошковски, притоа изразувајќи сомневања дека на осомничениот наводно му било дозволено да избега од полициската станица. Покрај барањата да се утврди дали имало пропусти при постапувањето на полициските службеници, од СДСМ вчера побараа и оставка од министерот Тошковски, поради како што наведоа, тоталниот распад што се случува во Министерството.

Back to top button
Close