Уапсен службеник на Агенцијата за вработување во Прилеп поради примање поткуп

Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници во Прилеп го лишиле од слобода Д.Т. (50), вработен во локалната Агенција за вработување (АВРСМ), поради основано сомнение за сторено кривично дело примање поткуп, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР). Оттаму велат дека осомничениот ја злоупотребил својата службена положба на штета на 47-годишен сограѓанин, кој е невработен и примател на социјална помош, откако во периодот од април до јули, Д.Т. во повеќе наврати барал и примал поткуп од оштетениот.

Уцените следувале откако жртвата претходно одбила понудено работно место во фабрика во Битола исклучиво поради нарушена здравствена состојба, а осомничениот го искористил овој факт за да го изнудува граѓанинот, ветувајќи му дека нема да му ја укине социјалната помош доколку континуирано му плаќа.

„При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени предмети од кривичното дело. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.

Back to top button
Close