Уапсениот Грузиец во Грција осомничен за шпионажа бил регрутиран од негов сонародник во Литванија веројатно за руските тајни служби
Пред истражен судија денеска ќе биде изведен 59-годишниот маж со потекло од Грузија, кој живее во Грција, а во средата беше уапсен во Александруполи откако фотографирал воени објекти и се товари за шпионажа, додека грчките медиуми пишуваат дека бил регрутиран од негов сонародник во Литванија, а веројатно и двајцата работеле за руските служби, јави дописничката на МИА од Атина.
Весникот „Катимерини“ објави дека апсењето дошло откако претходно бил уапсен неговиот сонародник во Литванија и кој веројатно го регрутирал на почетокот на есента и му давал детални упатства како да дејствува, а уапсениот по професија е молер и досега нема кривични дела.
– Според добро информирани извори на „Катимерини“, оној кој го регрутираше претходно вршел следења за руските разузнавачки служби. Пред да ја напушти Грција за Литванија, се чини дека на негово место го оставил 59-годишниот молер. Од она што се дозна, кога разговарале за прашањето за паричен надомест, 59-годишниот бил подготвен да ги понуди своите услуги за кој бил износ, тврдејќи дека е спремен да ѝ помогне на „мајката татковина“, пишува весникот.
Медиумите во Грција пишуваат дека насоките и упатствата што ги имал уапсениот е додека фотографира и снима воени бази на НАТО или на грчката армија во пошироката област на Александруполи, да носи спортска облека, да носи планинарски стап додека се искачува по ридовите, преправајќи се дека е планинар.
Според истите информации, уапсениот се товари за шпионажа во време на мир и може да добие затворска казна од пет до десет години.
Портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду за телевизијата „Мега“ објасни дека имале информации за конкретниот маж по што во заедничка акција на полицијата и Службата за разузнавање бил уапсен.
– Во нашата земја, се чини дека дејствувал сам и затоа само тој е уапсен. Во тек е истрага за да видиме со кој друг соработувал и каде го испраќал материјалот, објасни портпаролката.
Грчките медиуми објавуваат дека во мобилниот телефон на уапсениот биле пронајдени фотографии од воени објекти во околината на Александруполи од последните најмалку шест месеци.
Пред две години Грчката национална служба за разузнавање (ЕИП) откри случај на шпионажа, кога извесна Русинка неколку години се претставувала како Гркинка, по професија фотограф и сопственичка на мала продавница за ракотворби во Атина, но успеа ја ја напушти Грција и да им побегне на властите неколку месеци пред да биде откриена.