Убиен е извршниот директор на најголемата компанија за здравствено осигурување во САД

Извршниот директор на најголемата приватна компанија за здравствено осигрување во САД, „Јунајтедхелткер“ (UnitedHealthcare), Брајан Томпсон, е застрелан и убиен од засега непознат сторител пред хотел во Њујорк, јавуваат светските медиуми.

Убиениот извршен директор на „Јунајтедхелткер“ (UnitedHealthcare), Брајан Томпсон / Фото: EPA-EFE/HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Вооружениот напад, според Би-би-си, се случил околу 7 часот според локално, односно 15 часот по средноевропско време, пред хотелот „Хилтон“ на Менхетен, каде Томпсон присуствувал на денот на инвеститорите на компанијата.

 

Според информациите, 50-годишниот Томпсон бил застрелан во градите и веднаш по нападот е пренесен во болница, каде што е констатирана смрт.

Во моментов, како што пренесуваат медиумите, во тек е голема потрага по осомничениот напаѓач кој сè уште е во бегство.

Од полицијата соопштиле дека најверојатно станува збор за убиство со умисла бидејќи осомничениот го чекал Томпсон пред зградата на хотелот. На главата носел скијачка маска и бил облечен во кафеава јакна.

Пред зградата на хотелот е поставен полициски кордон, додека во меѓувреме трае потрагата по осомничениот.

Полициски екипи на местото на настанот / Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Поранешниот демократски кандидат за потпретседател на САД и актуелен гувернер на сојузната држава Минесота, Тим Волц, веста за убиството на извршниот директор на „Јунајтедхелткер“, чие седиште е во оваа држава, ја нарече страшна.

„Ова се ужасни вести и страшна загуба за деловната и здравствената заедница во Минесота. (Државата) Минесота ги испраќа нашите молитви до семејството на Брајан и тимот на ‘Јунајтедхелткер’“,

напиша Волц на социјалните мрежи. 

 

Во врска со настанот, се огласи и гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, која, во изјава за медиумите, пукањето врз Томпсон го нарече ужасно и планирано.

Таа изјави дека ѝ наредила на државната полиција да им обезбеди секаква неопходна помош на колегите од полицијата на градот Њујорк во рамките на истрагата и за да се осигури безбедноста на сите жители на градот.

„Нашите срца се со семејството и најблиските на г. Томпсон и ние сме посветени да се погрижиме сторителот да биде изведен пред лицето на правдата“,

изјави гувернерката.  

Дел од медиумите пренесуваат кратки детали од биографијата на убиениот извршен директор на најголемата приватна осигурителна компанија во САД.

Според неа, Томпсон бил именуван за главен извршен директор на „Јунајтедхелткер“ во април 2021 година, а минатата година имал заработка од 10,2 милиони долари, како прв човек на компанијата.

Тој, својата кариера во давателот на здравствено осигурување ја започнал во 2004 година, каде бил на повеќе раководни позиции, меѓу кои и извршен директор на одделот за владини програми на компанијата.

Според неговиот профил на Линкдин (LinkedIn), тој се школувал на Универзитетот во Ајова, каде во 1997 година се стекнал со диплома за бизнис-администрација.

Полициски екипи на местото на настанот / Фото: EPA-EFE/JUSTIN LANE

Инаку, „Јунајтедхелткер“, според приходите, е најголемата приватна компанија за здравствено осигурување во САД, со седиште во Минетонка, во сојузната држава Минесота.

Нејзината матична компанија „Јунајтедхелт груп“ (UnitedHealth group), е основана во 1970-тите. Минатата година компанијата имала нето-заработка од 22,3 милијарди американски долари, пренесува Би-би-си.

Компанијата вработува околу 440 000 луѓе ширум светот.

Back to top button
Close