Јубилејно издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал во Битола

Со проекција на аргентинско-италијанскиот документарен етнографски филм „Муралите на 10 ДС“ посветен на фудбалската легенда Диего Армандо Марадона и неговиот живот во Неапол, синоќа во Битола почна петтото јубилејно издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“.
Фестивалот за отворен го прогласи директорот на НУ Центар за култура Битола Сашо Илковски кој истакна дека Етнографскиот филмски фестивал е значаен дел од „Илинденски денови“ затоа што ја надополнува мисијата на фестивалот.

-Во годината кога фестивалот „Илинденски денови“ го носи мотото „Точка на поврзување“, етнографскиот филм претставува уште една важна точка на средбата помеѓу минатото и сегашноста, помеѓу науката и уметноста, и помеѓу традицијата и современиот поглед кон светот. Во време кога филмската индустрија се повеќе се потпира на вештачката интелигенција, на компјутерски генерирани слики, специјални ефекти и употреба на дигитални алатки, етнографскиот филм останува верен на автентичноста. Во овие филмови нема вештачки создадени светови, нема спектакуларни визуелни ефекти… овде најголема вредност е самата вистина, посочи Илковски.
На адреса на фестивалот пристигнаа 1.800 документарни филмови, а во Битола ќе бидат прикажани 42, истакна селекторот на фестивалот Тони Гламчевски.
-Интернационалниот етнографски филмски фестивал за пет години успеа да си создаде име и да се стави на картата на светските етнографски документарни фестивали. Создадовме програма која е богата и продуктивна во своето истражување на темите што ги обработуваме. Со голема чувствителност овие филмови на некој начин го креваат превезот врз еколошките, социјалните, културните и човечките превирања, што ги зафаќаат современите општества низ целиот свет. Несомнено, желбата за пренесување на знаења и вредности се амбиции кои се совпаѓаат со оние на „Илинденски денови“, нагласи селекторот Гламчевски.
Во рамки на фестивалската програма, денес ќе бидат емитувани филмови на автори од Обединетото Кралство, Полска, Германија, Камбоџа, како и македонскиот документарен филм „Во очи Божиќ“.






