УЕФА објави бојкот на турнирите на ФИФА по плановите на Инфантино да продаде удел од Светското првенство

 Сите 55 членки на УЕФА одлучија да ги бојкотираат турнирите на ФИФА по планот на претседателот Џани Инфантино да продаде удел од Светското првенство на приватни инвеститори, се вели во соопштението на УЕФА.

– УЕФА и нејзините 55 асоцијации членки се обединети. Едногласно и недвосмислено го отфрламе предлогот на ФИФА за префрлање на сопственоста на Светското првенство и другите натпреварувања на приватни инвеститори. Светското првенство не може да се смета за инвестициски производ. Тоа е едно од најголемите спортски наследства на фудбалот. Градено е со генерации од играчи, национални тимови и навивачи од сите континенти. Ниту еден дел од него не треба да се префрла на приватни инвеститори. Светското првенство не е на продажба, се вели во соопштението.

Во вторник „Тајмс“ објави дека се во тек преговори со личности блиски до администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Инфантино би можел да стане „комесар“ на новата компанија и да заработи десетици милиони фунти од зделката.

На 28 јули, ФИФА ги потврди плановите за создавање нов субјект, ФИФА Форвард Ентерпрајз, на кој ќе му бидат дадени медиумските и комерцијалните права на организацијата, вклучително и за Светските првенства. ФИФА ќе ја задржи единствената контрола врз ФФЕ и ексклузивната власт врз управувањето со фудбалот, натпреварите и календарот. Се очекува да бидат продадени повеќе од 20 проценти од нејзините акции. Приватните инвеститори ќе платат приближно 4,2 милијарди долари за овие удели, кои ФИФА ветува дека ќе ги потроши за развој на фудбалот.

Според Скај Спортс, во замена за нивната поддршка на планот, Инфантино ветил субвенции од по 35 милиони евра за секоја федерација, а рокот за договор е поставен на 19 септември.

Back to top button
Close