Украина го критикува Милановиќ за неговите коментари за Крим

Реакцијата на украинската дипломатија која ги нарече неприфатливи изјавите на хрватскиот претседател е одговор на коментарот на Зоран Милановиќ кој на 30 јануари изјави дека е „сосема јасно оти Крим (кој бил незаконски анектиран од Русија во 2014 година) никогаш повеќе нема да биде дел од Украина“

Украинското Министерство за надворешни работи ја оцени како неприфатлива изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој вчера кажа дека Крим никогаш нема да се врати под украинска контрола. Според украинското МНР, со оваа изјава Милановиќ го довел во прашање територијалниот интегритет на Украина.

„Се прашувам дали Зоран Милановиќ би можел да стане претседател на својата земја со таква реторика во деведесеттите, додека Хрватска се бореше да ја зачува својата државност? Дали неговите гласачи би се согласиле да ги затворат очите пред окупацијата на дел од нивната земја? Се сомневам“ напиша портпаролот на украинското МНР, Олег Николенко, на Фејсбук.

Во обајавата на Фејсбук портпаролот на МНР на Украина додава оти поради надворешната агресија Хрватска можела да изгуби една третина од својата територија, но како што вели, благодарение на херојската борба, Хрватите успеале да ја заштитат независноста на својата земја.

На крајот на објавата Николенко вели оти изјавите на Милановиќ за Крим се неприфатливи бидејќи го доведува во прашање територијалниот интегритет на Украина.

„Наместо тоа, ние многу ја цениме и им благодариме на хрватската влада и на хрватскиот народ за нивната непоколеблива поддршка на Украинците во борбата против руската агресија“,заклучи тој.

Реакцијата на украинската дипломатија е одговор на коментарот на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој на 30 јануари изјави дека е „сосема јасно оти Крим (кој бил незаконски анектиран од Русија во 2014 година) никогаш повеќе нема да биде дел од Украина“.

Милановиќ додаде и дека Хрватска, освен со испраќање хуманитарна помош во Украина и осуда на агресијата, не треба да биде учесник во конфликтот.

Back to top button
Close