Украина воведува рестрикции на електрична енергија низ целата држава поради руските ракетни напади

Украина денеска првпат воведуваат рестрикции на електрична енергија низ целата држава поради руските ракетни напади што уништија дел од нејзините енергетски постројки в пресрет на зимата.

Снабдувањето со електрична енергија ќе биде ограничено од седум до 11 часот наутро, соопштија владини претставници и електро операторот „Укренерго“. Ќе биде ограничено и уличното осветлување.

Иако овие ограничувања на потрошувачката се само за денеска, „не исклучуваме со почетокот на зимата почесто да се обраќаме за помош кај вас“, им се обрати „Укренерго“ на претплатниците.

Изминатите денови Русија ги засили нападите со ракетни и беспилотни летала врз инфраструктурата за електрична енергија и вода во Украина.

Во синоќешното видео обраќање, украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна дека во последните 24 часа биле уништени три енергетски објекти.

Во меѓувреме во Киев веќе започна исклучувањето на струја, јави Укринформ.

Снабдувањето со електрична енергија синоќа во 23:24 часот по локално време, било прекинато за да се избегне хаварија.

Според компанијата за испорака на струја до потрошувачите, ниту еден од нив во главниот град денеска нема да биде без струја повеќе од четири часа.

Back to top button
Close