Украинската безбедносна служба уапсила две лица за кои тврди дека шпионирале за руската ФСБ

Украинската безбедносна служба (СБУ) соопшти дека уапсила двајца агенти на руската разузнавачка служба кои, како што пренесува „Гардијан“, се обвинети дека на непријателските сили им пренесувале информации за чувствителни воени цели во Украина и нивните локации.

Инаку, како што потсетува британскиот весник, Киев водеше интензивни акции и отвори илјадници кривични предмети против лица осомничени дека соработувале со Москва од нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Како резултат на специјална операција, двајца агенти на ФСБ (руската Федерална служба за безбедност) беа приведени во Киев и Одеса. Криминалците се обидоа да ги идентификуваат локациите на украинските војници и потоа на окупаторите да им испратат соодветните координати за да ги приспособат воздушните напади. Во последната фаза од специјалната операција, и двајцата криминалци беа фатени на дело додека шпионираа потенцијални цели за окупаторите“,

се наведува во соопштението на украинската безбедносна служба.

Во извештајот на службата се наведува дека еден од осомничените фотографирал термоелектрана, наводно за да ѝ помогне на Русија во бомбардирањето на украинската енергетска инфраструктура.Двете лица се обвинети за соработка со непријателот и им се заканува казна доживотен затвор.

Според податоците на Обединетите нации (ОН) Украина минатата година отворила повеќе од 6 600 кривични предмети „против поединци за соработка и други злосторства поврзани со конфликтот“ од почетокот на војната.

Back to top button
Close