Унгарија да посредува во спорот меѓу Скопје и Софија – му предложил Орбан на Мицкоски
Унгарија е подготвена да го искористи своето претседавање со Европската Унија и да биде посредник меѓу Скопје и Софија за наоѓање решение за спорот. Ваков предлог денеска претставил премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, пред својот македонски колега Христијан Мицкоски за време на средбата во Охрид.
„Следниот чекор е, на некој начин, да се спогодат со Бугарија, а јас за тоа имам предлог што му го пренесов на премиерот Мицкоски. Му кажав дека сме подготвени да го искористиме претседавањето со Европската Унија и да посредуваме во ова прашање“,изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на прес-конференцијата по средбата со Мицкоски и заедничката меѓувладина седница.
Дали Скопје и Софија се подготвени да ја прифатат Будимпешта како посредник, вели Орбан, е нивна работа.
„Но, ние сме подготвени и сакаме да работиме на тоа да се најде решение какво што ќе им одговара и на Македонија и на Бугарија, но тоа е работа на страните што се во судир“,додаде Орбан.
Најважната тема на денешната средба со Мицкоски, како што посочи унгарскиот премиер, било зачленувањето на Македонија во Европската Унија и претседавањето на Унгарија со ЕУ.