Унгарската влада обвинета за нелегални субвенции за провладини медиуми

Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан е обвинета за нелегално доделување повеќе од милијарда евра субвенции за провладини медиуми, што дополнително ги зголемува стравувањата дека државната поддршка се користи за зајакнување на моќта на унгарскиот лидер.

Два унгарски медиуми – „Маџар Ханг“ (Унгарски глас) и еден кој побара да остане анонимен, имаат намера, како што e укажано за „Фајненшл тајмс“, денеска да поднесат жалба до Европската комисија поради нелегални субвенции за одредени медиуми. Во тие медиуми, тие тврдат дека помеѓу 2015 и 2023 година, рекламирањето било насочено кон про-орбанови весници, телевизиски станици и онлајн платформи со цел да се обезбеди поддршка за владејачката партија и да се потисне критичкото новинарство.

Орбан, најпрорускиот лидер во ЕУ, со години се расправа со Унијата за владеењето на правото. Брисел постојано замрзнуваше и враќаше средства, а судовите на Унијата пресудија против потезите на Орбан насочени кон ограничување на независноста на судството, медиумите и образовниот систем, потсетува „Фајненшл тајмс“.

Се вели дека унгарскиот премиер претходно користел средства од ЕУ за наградување на политичките сојузници и го нарекол партнерството меѓу владата и приватниот сектор систем на национална соработка.

Поранешниот европски службеник за конкуренција, Каи-Уве Кин, автор на економската студија што ја придружува жалбата, рече дека наводната употреба на државни субвенции се совпаѓа со кампањата за отстранување на медиумите што се критички настроени кон владата.

„Навистина гледате дека откако некој ќе преземе весник и ќе го претвори во весник поврзан со владата, рекламирањето почнува драматично да расте“, рече Кин.

Тој рече дека неговиот извештај укажува на врска помеѓу наводната нелегална државна помош и провладиниот став на медиумите, што ја нарушува конкуренцијата на унгарскиот медиумски пазар во корист на про-орбанците.

Во последниве години, неколку независни медиуми пропаднаа или беа продадени на лица поврзани со владата. Во меѓувреме, Унгарија е меѓу најниско рангираните во однос на слободата на медиумите во ЕУ.

Back to top button
Close