„Уривање на унитаризмот“ наспроти „театар и шоу“ – жестока пресметка меѓу пратениците Албанци за правичната застапеност

Вистинска бура во парламентот предизвика денешната седница на Комитетот за односи меѓу заедниците на која требаше да се донесе одлука како да се гласа предложеното законско решение за соодветна и правична застапеност. Поточно, како да се примени бадентеровиот механизам за гласање. Дали да се гласа со т.н. „голем бадентер“, поточно со мнозинство во вкупната бројка пратеници што не се Македонци – како што бараше опозицијата, или, пак да се примени „мал бадентер“, односно – мнозинство од присутните народни претставници кои припаѓаат на немнозинските заедници, како што беше предложено од владејачкото мнозинство. Епилогот од седницата покажа дека мнозинството го изгласа решението понудено од нив. Што значи дека кога во законодавниот дом ќе се гласа за предлог-законот за соодветна и правична застапеност, за него ќе се применува двојното гласање со обично бадентерово мнозинство.

За опозициските претставници од Европскиот фронт, предводени од ДУИ, но и поддржани од пратениците од сега новоформирната Албанска Лига на Зијадин Села, ваквото решение го сместија во редот на национални предавства за Албанците. Најжесток во настапот беше Блерим Беџети од ДУИ кој, пред гласањето, ги предупреди неговите колеги Албанци во власта, да внимаваат како ќе гласаат. „Јас се надевам дека денешното гласање нема да значи почеток на уривањето на унитарниот карактер на државата. Затоа што сме сведоци на мајоризација што се случува околу нас. Затоа овој закон мора да се донесе со ’голем Бадентер’ и никако поинаку“, предупреди Беџети. Во еден момент тој влезе и во конфликт со претседавачот на седницата – пратеникот Аднан Азизи од ВЛЕН, кој го обвини Беџети дека прави “шоу, драма и театар“ со седницата.

Во сличен тон беа настапите на Зијадин Села, Фатмир Битиќи, Ријад Шаќири и нивните колешки Рина Ајдари и Илире Даути. И, тие побараа од своите колеги од ВЛЕН, како што рекоа „да не се ставаат во улога од која во иднина ќе се срамат“.

Наспроти ова, координаторот на пратеничката група на ВЛЕН Беким Ќоку возврати на нападите од ДУИ и другите пратеници од опозицијата опишувајќи го тоа како нивна завидливост. „Опозицијата ни љубомори за нешто што тие не успеаја да го направат 20 години колку што беа на власт и така да го реализираат таквото уставно право, а ние од ВЛЕН успеавме да го направиме за помалку од две години колку што учествуваме во власта“, го опиша предложеното законско решение Ќоку. Дополнително, тој ги праша неговите колеги – опозиционери зошто се дозволило и законот за употреба да јазиците да се носи со обично бадентерово мнозинство, иако станува збор за, како што го опиша, најзначајното право што произлегува од Рамковниот договор. Дополнително, рече Ќоку, правичната застапеност во минатото се решаваше само со балансерот – алатка која е усвоена во времето на Груевски и Мијалков и која не може да се подобри.

Одлуката што ја донесе Комитетот за односи меѓу заедниците денеска ќе ја забрза процедурата за носењето на законот за соодветна и правична застапеност. Најавуван од владејчката коалиција како решение со кое ќе се надминат сите недоразбирања поврзани со застапеноста во централно и локално ниво во администрацијата, предлогот беше практично дочекан „на нож“ од албанската опозиција во Собранието затоа што, според нив, ги дискриминира Албанците

Back to top button
Close