Уставниот суд го поништи упатството за матични книги со кое се додаде графа националност во изводите

Со мнозинство гласови Уставниот суд на денешната седница го поништи Упатството за водење на матични книги, донесено од Министерството за правда, поради тоа што не бил испочитуван рокот во кој требало да се објави ова упатство.

– Кога Уставниот суд донесува поништувачка одлука, тоа значи дека одлуката има ретроактивно дејство, сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува, изјавија од Уставниот суд.

Упатството е поништено бидејќи Судот оценил дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова упатство.

– Тој член предвидува рок за објавување најдоцна за седум дена од денот на донесувањето. Уставниот суд веќе појасни во јавноста дека на прашањето за рокот не му пристапува технички, туку суштински и тој треба да биде почитуван од сите, објаснија од уставниот суд.

Уставниот суд во јули годинава по сопствена иницијатива поведе постапка за оспореното Упатство поради сомнеж дека со неговото донесување од страна на Министерството за правда е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова Упатство.

Back to top button
Close