Утре во Букурешт почнува дводневен состанок на министрите за надворешни работи на НАТО

Во главниот град на Романија утре почнува дводневен состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, чиј фокус ќе биде на зајакнување на поддршката за Украина во нејзината борба против руската инвазија.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави дека учесниците на состанокот во Букурешт ќе посветат најголемо внимание на „илегалната војна на Русија во Украина, која продолжува да ги загрозува евроатлантскиот мир и безбедност“.

 

Министрите на 30-те членки на НАТО ќе разговараат и за прашањето за приклучување на Шведска и Финска во Алијансата и активностите на Кина, за која Столтенберг рече дека „го зголемува своето присуство од Арктикот до Западен Балкан и се стреми да ја контролира важната инфраструктура на НАТО сојузниците“.

 

Една од темите на состанокот ќе биде зајакнувањето на помошта за Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, „земји партнери кои на различни начини се соочуваат со руски притисок“, рече Столтенберг.

 

За време на дводневниот состанок ќе се одржат три состаноци на Северноатлантскиот совет, клучното тело на НАТО за донесување одлуки.

 

Заедно со министрите на членките на НАТО, на сите три средби ќе учествуваат и шефовите на дипломатиите на Шведска и Финска, земји чиј пристап во Алијансата се очекува наскоро. Сите членки на НАТО го потпишаа протоколот за прием на Шведска и Финска, а само Унгарија и Турција не го ратификуваа.

 

На првиот ден од средбата ќе се одржи работна вечера на која на министрите за надворешни работи на 30-те членки на НАТО, Шведска и Финска, ќе им се придружи и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.

 

В среда ќе се одржат два состаноци на Северноатлантскиот совет на НАТО. На шефовите на дипломатиите на членките на Алијансата, Шведска и Финска, на вториот состанок ќе им се придружат и министрите за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија.

 

Столтенберг непосредно пред почетокот на дводневниот состанок ќе одржи говор на форум организиран од романскиот огранок на Институтот Аспен и германскиот Маршалов фонд, со поддршка на НАТО, а потоа ќе има билатерална средба со шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен.

 

На прес-конференцијата по повод состанокот во Букурешт, Столтенберг во петокот во Брисел рече дека Алијансата ќе продолжи да дава силна поддршка на Украина за нејзината одбрана од руската агресија, бидејќи во случај на победа на Русија, целиот свет со години ќе плаќа висока цена.

 

– Рускиот претседател (Владимир) Путин не напредува во Украина, па затоа одговара со поголема бруталност. Брановите на намерни ракетни напади врз цивилната инфраструктура ги оставија Украинците во тешка состојба пред зимата. Ужасните напади врз цивили и важна цивилна инфраструктура, вклучувајќи и училишта и болници, се воени злосторства и оние кои стојат зад нив ќе мора да одговараат, рече Столтенберг.

Тој изрази очекување дека министрите во Букурешт ќе се согласат да ја зголемат испораката на несмртоносна помош за Украина, која вклучува гориво, медицински материјали и зимска опрема.

Back to top button
Close