Вајц пред ЕП: Северна Македонија е во застој на патот кон ЕУ, потребни се итни резултати во владеењето на правото
Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, европратеникот Томас Вајц, денеска пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) ќе го презентира годишниот нацрт-извештај за напредокот на земјата, во кој предупредува дека евроинтегративниот процес е во застој и бара конкретни резултати од политичките актери.

Во нацрт-извештајот се наведува дека, и покрај одредени позитивни реформи, напредокот во клучните области како владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата е недоволен. Како причини се посочуваат изборната кампања, ограничените административни капацитети и недостигот на долгорочна политичка посветеност.
Вајц истакнува дека нема напредок ниту во уставните измени, поради стравувања од нови билатерални блокади, и повикува на зголемена политичка волја за надминување на ќор-сокакот. Тој нагласува дека процесот на пристапување останува заснован на заслуги и дека Владата и политичките актери мора да испорачаат „опипливи и убедливи резултати“ без понатамошно одлагање.
Во извештајот се потенцира и потребата од поголема слобода и независност на медиумите, борба против дезинформациите и посилно вклучување на граѓанското општество во реформските процеси.
Ова е втор извештај на Вајц за Северна Македонија и е подготвен како дел од пакетот за проширување на Европската комисија за 2025 година (48chasa)






