„Варајати“ објави рецензија за „Врба“ на Милчо Манчевски

– Американскиот магазин „Варајати“ објави реценција за филмот на македонскиот режисер Милчо Манчевски, „Врба“. Во рецензијата филмот се опишува како „три приказни за македонско мајчинство кои одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски.“

Според филмската критичарка Џесика Кианг, Манчевски носи филигрански опсервирани хумор и трогателност и во значајни и во прозаични случки.

Во текстот во „Варајати“ за „Врба“ се вели дека жените во овој филм не се стари баби, но нивните приказни имаат чувство на нешто народно – дури и оние две од трите што се случуваат во денешно време.

-Користејќи трипартитна структура која го привлекуваше режисерот и во минатото, особено во неговото деби од 1994 „Пред дождот“, филм кој беше номиниран за Оскар и победи во Венеција, Манчевски извлекува три извонредни женски актерски остварувања од неговите главни актерки, од кои секоја ја тера својата сопствена приказна за маките, кривиците и огромните жртви на мајчинството. Често трагична, често сурова, „Врба“, видена низ милозливата, озарена камера на директорот на фотографија Тамаш Добош, сепак задржува леснотија и енергија која на крајот успева да биде оптимистичка – не толку приказна за жалоста на врбата колку за нејзината способност да се извиткува со небаре бескрајна флексибилност без да се скрши, се наведува во рецензијата на „Варајати“.

Во рецензијата се дополнува дека „Врба“ не е филм на линеарна логика, туку на алузии и асонанци, на еха и одгласи.

-Но, „Врба“ не е филм на линеарна логика, туку на алузии и асонанци, на еха и одгласи. Можеби приказната на Донка е коренот, на Родна стеблото, а на Катерина гранката, а елегантното, надежно огледување на почетокот и крајот – едно дете се губи, друго дете е пронајдено – е едноставно виткањето на ова особено дрво кое несвесно му се поклонува на своето потекло закопано длабоко во земјата на некое дамнешно минато, се вели во рецензијата на „Варајати“.

По минатонеделното прикажување на Сараевскиот филмски фестивал, нареднава недела „Врба“ ќе ја има и кинеската премиера, во престижната конкуренција за награди на Филмскиот фестивал во Пекинг, а организаторите велат дека сите проекции на филмот се однапред распродадени. Во октомври следи шпанската премиера на фестивалот во Валенсија.

Back to top button
Close