Вашингтон тврди дека Рубио ја протерал иранската делегација, Техеран демантира
Американскиот државен секретар Марко Рубио ѝ наложи на иранската делегација која присуствуваше на Генералното собрание на Обединетите нации да ги напушти Соединетите Американски Држави, соопштија американски официјални претставници.

Еден од официјалните претставници изјавил за „Фокс њуз диџитал“ дека Рубио ѝ наложил на делегацијата да ги напушти САД бидејќи го пречекорила дозволениот период на престој.
– Генералното собрание на Обединетите нации заврши, така што беше време да заминат – изјавил американскиот претставник.
Иранската дипломатска делегација пристигна во Њујорк на 22 септември за да учествува на годишното заседание на Генералното собрание на ОН. За време на престојот во САД, иранските претставници се сретнаа и со американскиот тим на разговори одржани на маргините на собирот.
Сепак, иранската мисија при Обединетите нации демантираше дека делегацијата била протерана од Соединетите Американски Држави по налог на американскиот Стејт департмент.
Од иранската мисија наведоа дека членовите на делегацијата ги напуштиле САД во согласност со претходно утврдениот план за патување и дека американскиот Стејт департмент бил однапред известен за нивното заминување.
Техеран ги отфрли извештаите за протерувањето како неосновани и го обвини американскиот Стејт департмент за ширење „лажни информации“.
Реакцијата на иранската мисија следуваше по извештајот на „Аксиос“, кој се повика на американски официјален претставник и извор во Стејт департментот, а според кој иранската делегација ги напуштила САД по налог на американските власти.
Иранската страна оцени дека објавените информации се „неосновани и безвредни“ и наведе дека се пласирани поради недостиг на други достигнувања.






