Вечер за паметење на „Охридско лето“ со концертот на Ана и Игор Дурловски и оркестарот „Ајга“

– Македонската музичка традиција во своето најавтентично издание синоќа беше претставена на сцената Долни Сарај, каде во рамките на фестивалот „Охридско лето“ настапија оперските уметници Ана и Игор Дурловски, придружувани од Оркестар „Ајга“, со концертот „Македонски љубовни песни“.

Пред бројната публика беа изведени некои од најпознатите бисери на македонското музичко наследство во нови оркестарски аранжмани на Сони Петровски. Концертната програма понуди спој на традицијата и современиот сценски израз, а публиката со долг аплауз ја поздравуваше секоја изведба.

„Ова е дел од нас, дел од нашата душа, дел од нашата култура и идентитет како уметници. Наша обврска е да го негуваме изворното творештво, но и современата македонска музика, која еден ден ќе стане дел од нашето културно наследство“, изјави Ана Дурловски.

На програмата беа изведени безвременските македонски песни „Си заљубив едно моме“, „Ленка Пингова“, „Што да правам, што да чинам“, „Нели ти реков моме Донке“, „Ој ти момче Охриѓанче“, „Невеста жито требеше“, „Дејгиди луди млади години“, „Излегу да се мамо рашета“, „Кажи Анѓо“, „Стојне бре Стојне“ и „Назад, назад Калино моме“, кои во интерпретација на Ана и Игор Дурловски добија нов сценски израз.

Игор Дурловски рече дека изборот на репертоарот бил внимателен и резултат на истражување на богатото македонско музичко наследство.

„Размислувавме долго и на крајот дојдовме до заклучок дека „Македонски љубовни песни“ е најсоодветниот наслов за проектот. Се обидовме да ги одбереме најромантичните, најубавите и најмелодичните песни и верувам дека направивме одличен избор“, истакна Дурловски.

Двајцата уметници нагласија дека настапот на „Охридско лето“ секогаш претставува посебна чест и задоволство, бидејќи фестивалот има значајно место во нивните уметнички кариери.

Концертот покажа дека македонската музичка традиција може да добие современ сценски израз без да ја изгуби својата автентичност. Оркестарот „Ајга“ со новите аранжмани внесе свежина во познатите мелодии, задржувајќи го нивниот препознатлив дух.

Во амбиентот на Долни Сарај, под отвореното охридско небо и покрај брегот на Охридското Езеро, концертот прерасна во вистинска прослава на македонската музичка традиција, а публиката им возврати на уметниците со стоечки овации и долг аплауз.

Back to top button
Close