Величковски: Собранието да донесе Декларација дека Северна Македонија не може да биде крајна дестинација на депортирани мигранти, наместо темата да остане дневно-партиска
Собранието да донесе Декларација дека Северна Македонија не може да биде крајна дестинација на депортирани мигранти, наместо темата да остане дневно-партиска

Нагласуваме – не он-лајн петиција, празни зборови и неформални иницијативи – туку јасен и обврзувачки документ.
Со гласањето по ваков официјален документ ќе се утврди вистината:
– која партија за што се залага, и
– дали владата и владиното мнозинство имаат тајно преземена обврска кон Обединетото Кралство.
Согласно Деловникот на Собранието:
– „со декларација се изразува општиот став на Собранието по прашања од општо политичко значење“ – член 183 став (1), и
– „право да предлага донесување на декларации…и други општи акти има секој пратеник, пратеничка група… (член 184 став (2) од Деловникот).
Нова Република очекува дека ќе се најде барем еден опозициски пратеник кој ќе предложи ваква Декларација и, доколку власта нема тајно преземени обврски – усвојувањето е сосем извесно.
Во спротивно, „новата парадигма“ на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласи “Уставни дополнувања и членство во ЕУ – не, за мигранти – ќе се договориме”.
Потсетуваме дека објавата на веста за депортација на мигранти од Обединетото Кралство во Северна Македонија не дојде од некој опскурен таблоид туку од угледни лондонски медиуми. Ден пред кавадаречкиот Конгрес за реизбор на Мицкоски.
Веста во Лондон никој не ја демантира – напротив: во тамошните медиуми се разработуваат детали, а Британската Амбасада во Скопје, очекувано, не пружи посилен демант ниту потврда.
Оттука, се додека нема јасен институционален документ во Скопје, објавата на веста во Лондон има статус на своевидно потсетување до Мицкоски.
Според НоРа, Северна Македонија не може да биде депо на мигранти кои не ги минале проверките на британските служби. Особено што сметаме дека РСМ нема институционален капацитет за нивна проверка и тоа создава ризици по националната безбедност,
Нова Република укажува дека ЕУ ги депортира мигрантите во трети земји.
Оттука, што подолго земјата останува вон европските интеграции – покрај економското и системското заостанување, Северна Македонија останува отворена за статусот на „трета земја“ и потенцијална дестинација за нивно депортирање.
Ивон Величковски






