Вештачката интелигенција ќе влијае на 40 отсто од работните места во светот

Вештачката интелигенција ќе влијае на речиси 40 отсто од работните места ширум светот, заменувајќи некои и дополнувајќи други, така што е потребна внимателно избалансирана политика за да се искористи нејзиниот потенцијал, рече директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.

Таа на блогот на ММФ напиша дека се наоѓаме на работ на технолошка револуција која би можела да ја зголеми продуктивноста, да го поттикне глобалниот раст и да ги зголеми приходите ширум светот, но посочи дека вештачката интелигенција може да ги замени и работните места и да ја продлабочи нееднаквоста.

Георгиева посочува дека ќе треба да се смисли сет на политики за безбедно да се искористи огромниот потенцијал на вештачката интелигенција за доброто на човештвото.

Таа наведува дека истражувањето на ММФ за потенцијалното влијание на вештачката интелигенција на глобалниот пазар на труд покажува дека речиси 40 отсто од работните места ќе бидат погодени од вештачката интелигенција.

Околу половина од работните места кои ќе бидат погодени од вештачката интелигенција може да имаат корист од зголемената продуктивност, но за другата половина, вештачката интелигенција ќе може да ги извршува клучните задачи што моментално ги извршуваат луѓето, што може да ја намали побарувачката за работна сила и да доведе до помали плати и намалување на вработеноста, вели Георгиева.

Во најекстремните случаи, некои од овие работни места може да исчезнат.

Георгиева посочува дека од клучно значење е земјите да воспостават сеопфатни мрежи за социјална заштита и да понудат програми за преквалификација на работниците

Back to top button
Close