(ВИДЕО) „Да не правиме мајмуни од самите себе“, општина Прилеп планирала скулптура железен мајмун

Советникот од Левица во Советот на Општина Прилеп, Жаре Стевановски, побара да се повлечат и вратат на доработка предложените точки со кои одредени скулптури треба да бидат вклучени во програмата за споменици и спомен-обележја.

Стевановски особено реагираше на предлогот за скулптурата „Прилепски мајтап“, која ја опиша како конструкција од арматурно железо со мајмун кој седи во фудбалска топка.

Тој се повика на Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, посочувајќи дека спомен-обележјата треба да се однесуваат на значајни историски настани и истакнати личности од историјата, културата и народната традиција и да имаат комеморативна цел и значење за колективната меморија.

„Дали сте свесни дека за градов ова нема никакво историско и културно значење? Не е значајна личност мајмунот. Може сите мајмуни нè викаат овде, ама да не правиме мајмуни од самите себе на ваков начин“, порача Стевановски од говорницата.

Тој ги праша советниците и дали некогаш положиле цвеќе пред мермерната скулптура на прилепското магаре и дали, според истата логика, и таа треба да се смета за спомен-обележје.

„Ве молам да не се бламираме, колеги советници. Да го повлечеме овој предлог“, рече Стевановски.

Според него, ваквите скулптури треба да се третираат како урбана опрема, а за нивното поставување соодветни одлуки треба да носи надлежното одделение за урбанизам, согласно важечките планови и процедури.

На крајот, Стевановски предложи спорните точки да бидат вратени на доработка во работните тела на Советот, каде подетално би се разгледале нивното значење, законската основа и поврзаноста со Прилеп, пред да биде донесена конечна одлука.

Back to top button
Close