ВИДЕО: ДУИ испрати видео на кое „атентаторот му се извинува на Али Ахмети на гробот на неговата мајка Хума“

Партијата Демократска унија за интеграција (ДУИ) испрати соопштение со видео материјал на кој, како што се вели, „може да се види како атентаторот му се извинува на Али Ахмети на гробот на неговата мајка Хума“.

Понатаму се пренесува изјава од „атентаторот“ за тоа како тој ја доживеал веста дека лидерот на ДУИ Ахмети му простил.

– Г-дин Ахмети е многу голем човек, многу голем херој, тој е народен херој. Јас ја имав таа среќа да се сретнам со многу соработници на г-дин Ахмети кои ми кажаа дека „уште од моментот кога си згрешил, од г-дин Ахмети ти е простено затоа што г-дин Ахмети нема пушка за Албанци“. Никогаш немал и нема да има. Зборовите на мајка ми ме следат веќе 15 години. Многу пати сум размислувал за тоа, а многу пати сум разговарал и со еден мој пријател, почитуваниот професор Исмет Јонузи од кого сум добил многу совети. Јас решив да соберам храброст за тоа. Беше многу тешко за мене, но не успеав барем да ја запознаам со тоа мајка ми Хума додека беше жива и затоа решив да ѝ се обратам со извинување на нејзиниот гроб. Се надевам дека после овој гест и мајка ми ќе ми прости – вели „атентаторот“ во изјавата снимена на гробот на мајка му.

Тој објаснува дека покајанието се случило од моментот на акцијата, од моментот на грешката.

– Првиот телефонски повик беше од мајка ми која ми рече „Сине, не биди луд, знаеш ли колку гнев ми се собра, не мислиш ли дека и тој има мајка, какви чувства доживеала таа“. Потоа следниот збор на мајка ми беше дека никогаш нема да ми прости. Имам порака до сите Албанци, особено до новите генерации, да ги ценат водачите на војната, борците на војната, бидејќи благодарение на нив денес ја уживаме слободата во Косово, нашата слобода овде во Македонија, нашите права и слободи кои ги уживаме во Македонија, нашата одлучувачка позиција, тука ги имаме сите благодарение на г-дин Ахмети. Апелирам до албанската младина да ги цени нашите команданти бидејќи без овие луѓе немаше да бидеме таму каде што сме – вели соговорникот на снимката направена на гробишта.

Во соопштението на ДУИ не се прецизира за кој и каков атентат врз Ахмети станува збор ниту се дава идентитетот на наводниот атентатор кој се извинува.

Back to top button
Close