Видео: Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференцијата на пратеничката група на СДСМ во Собранието, каде во тек е седница посветена на реконструкцијата на Владата изјави дека заканите и навредите кон пратениците се само знак на слабост.
Пратеничката група на СДСМ, денеска за време на паузата на собранската седница одржа прес-конференција на која реагираше, за како што велат навредите на премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за министер за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ кон пратениците на опозициската партија.
-Никој не му се плаши на Мицкоски. Со заканите што ги упатува и со навредите само покажува колку е неспособен и колку е слаб. И тоа граѓаните секој ден сè повеќе го сфаќаат – изјави Филипче.
Тој истакна дека заканите од премиерот се последица на немоќта на власта да покаже резултати и да одговори на проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
Според него најавената реконструкција на Владата нема да донесе никаква промена, бидејќи, станува збор само за замена на имиња, без нови политики и без резултати за граѓаните.
-Практично, ова е една реконструкција која е само замена на имиња – едни луѓе со други. Од оваа реконструкција граѓаните не можат да очекуваат буквално ништо. Ама буквално ништо, исто како што не видоа никакви резултати и досега од работата на Владата. Нема еден сектор во кој има некакви добри резултати. Нема една група на луѓе во државава која виде бенефит од оваа власт. Државата е целосно блокирана. Граѓаните тонат во сиромаштија. Цените растат без контрола. Нема раст на платите. Стандардот тоне. Ние останавме слепо црево на Балканот и во Европа, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ рече и дека по две години владеење нема област во која Владата на ВМРО покажа резултати или граѓаните почувствувале некакво подобрување.
-Нема еден сектор во кој има некакви добри резултати. Нема една група на луѓе во државава која виде бенефит од оваа власт. Државата е целосно блокирана. Граѓаните тонат во сиромаштија. Цените растат без контрола. Нема раст на платите. Стандардот тоне. Ние останавме слепо црево на Балканот и во Европа – изјави Филипче.
Додаде дека Владата го запрела европскиот пат на државата и нема капацитет да понуди решенија за клучните проблеми на државата и граѓаните.
-Ете, такви луѓе ние имаме во Владата. Ние имаме целосно неспособен премиер, неспособен да реши ниту едно прашање, да направи државна стратегија, да направи било каква добра политика од која граѓаните и државата ќе видат бенефит – изјави Филипче.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски изјави дека прес-конференцијата ја свикале во вонредни околности, затоа што, како што, рече, она што се случило на седницата на Собранието е вон сите демократски критериуми, особено што доаѓа од страна на претседател на Владата и на кандидат за министер.

-Целата македонска јавност беше сведок на една огромна нервоза во моментите кога се разговара за дебаклот и за неуспесите во двете години на извршната власт. Клучно правило во демократијата е да ги чуете сите критики, сите слабости и од тоа да извлечете поука и, веројатно, да се подобрите. Меѓутоа, демократијата во Македонија се сфаќа на еден поинаков начин. Мислите дека ќе постигнете подобри резултати ако ги нападнете оние што укажуваат на слабостите во македонското општество – истакна Спасовски.
Тој додаде дека навредите што денеска биле упатени кон двајца пратеници на Социјалдемократскиот сојуз, заменик-координаторот Фатмир Битиќи и пратеникот Митко Трајчулески, кои говореле за состојбите и за изборот на Владата, не се напад што се случува првпат.
-Меѓутоа, тоа претставува говор на омраза кој сигурно може да роди насилство. А тоа што следеше по прекинувањето на седницата беше вистински напад, не само вербален, од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници не само вербално, туку и со пцовки. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере. Ниту случувањата во овие две години, ниту лошата економска состојба, ниту катастрофите во земјоделството, ниту лошите социјални политики, ниту стопирањето на европскиот пат не може да се анулираат преку напади кон опозицијата, ниту, пак, преку напади кон пратениците – нагласи Спасовски.
Тој рече дека особено го загрижува молчењето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој, како што изјави, немал ниту една реакција, а бил должен да реагира затоа што претседава со седницата, затоа што тоа што било кажано не е во рамките на нормите на Деловникот и затоа што Собранието едногласно донело Етички кодекс, со кој се пофалиле сите.
-Меѓутоа, тој не може да важи само за пратениците во Собранието. Тој треба уште повеќе да важи за гостите во овој законодавен дом, а тоа се претседателот на Владата, членовите на Владата и сите оние што ги избира Собранието. Тие еднаш засекогаш мора да запаметат дека мора да бидат одговорни пред оние што ги избираат, односно на тој начин да покажат дека се одговорни пред граѓаните, бидејќи пратеникот е претставник на граѓаните. Затоа апелирам и барам извинување, затоа што никој апсолутно не заслужува да биде навреден, на никого да му се упатуваат закани и на никого да му се упатуваат пцовки. Тоа како реакција го бараме од страна на претседателот на Собранието, за да покаже дека е прв меѓу еднаквите – додаде Спасовски. ац/дма/
Фото: СДСМ






