(ВИДЕО) Филипче: Партизаните се бореа за слободна Македонија, а ние денес за напредна и интегрирана држава

Во својот говор по повод 11ти Октомври, Денот на народното востание, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, направи паралела меѓу историската борба за слободна Македонија и современите предизвици со кои се соочува државата денес.

 

„Пред 83 години, нашите храбри сограѓани се бореа за слобода и сопствена држава. Тие тогаш ја започнаа борбата која ќе ја постави македонската држава на политичката мапа на Европа и светот. Денес, нашата битка е различна – се бориме за напредна, стабилна и интегрирана Македонија, како полноправна членка на Европската Унија,“ изјави Филипче.

Тој нагласи дека македонскиот народ секогаш победувал кога се наоѓал на вистинската страна на историјата и дека денес битката за европска иднина е најважната генерациска задача. „Како што тогаш борбата беше за слободна Македонија, така и денес се бориме за напредна и интегрирана држава. Европската иднина на Македонија е нашата стратешка цел, и никој нема право да им ја одземе на граѓаните,“ рече Филипче.

Осврнувајќи се на актуелната влада, Филипче ја критикуваше за откажувањето од европските интеграции. „За жал, денес сведочиме дека актуелната власт свесно се откажува од оваа историска цел, наместо храбро да се бори за нашата иднина. Наместо тоа, го турка народот во самосожалување и откажување од сонот за европска Македонија,“ додаде тој.

Филипче повика на единство и решителност во борбата за напредок и интеграција. „Ако тогаш партизаните не отстапуваа во борбата за слобода, денеска ние немаме право да се откажеме од борбата за напредок и европска иднина. Секогаш победуваме кога сме на вистинската страна на историјата, а нашата иднина е во обединета Европа,“ истакна тој.

Во завршницата на своето обраќање, претседателот на СДСМ потсети дека борбата за подобра иднина е должност на сите граѓани, не само на една политичка гарнитура. „СДСМ беше на вистинската страна на историјата во 1941та и во 1991та, и ќе биде и денес. Борбата за Македонија е борба на сите нас, за напредна, стабилна и интегрирана држава,“ порача Филипче.

Back to top button
Close