ВИДЕО: Германската полиција ги растера екоактивистите од селото кое ќе се урива заради изградба на рудник

Активисти за заштита на животната средина се иселени од село во западна Германија што треба да се урне заради проширување на рудникот за јаглен, освен една двојка која избегала и се вовлекла во тунел, соопшти полицијата.

Операцијата за иселување на климатските активисти кои се собраа на местото во селото Луцерат, чии жители одамна го напуштија, започна во средата наутро и постепено напредуваше во текот на следните денови. Полицијата ги избрка активистите од земјоделските објекти, неколкуте преостанати куќи и неколку десетици импровизирани куќички на дрво.

Во саботата, илјадници луѓе демонстрираа во близина против уривањето на инаку празното село и планираното проширување на рудникот за јаглен Гарцвајлер. Дојде до судири со полицијата додека некои демонстранти се обидоа да стигнат до селото, кое сега е оградено , и до рудникот.

Екологистите велат дека проширувањето на рудникот Гарцвајлер ќе предизвика огромни количества загадувачки гасови, а владата и комуналната компанија RVE тврдат дека јагленот е потребен за да се обезбеди енергетската безбедност на Германија.

Регионалните власти и германската влада, вклучително и еколошката партија на Зелените, постигнаа договор со RVE минатата година, кој ѝ дозволува да го уништи напуштеното село во замена за прекин на употребата на јаглен до 2030 година, а не до 2038 година.

Лидерите на Зелените тврдат дека договорот исполнува многу барања на екологистите и дека спасил уште пет села од уривање, а Лицерат е погрешен симбол за протести. Активистите го отфрлаат тој став.

Полицијата денеска преку соопштение наведе дека од Лицерат досега се протерани речиси 300 лица. Оттаму додаваат дека „продолжува спасувањето на две лица од подземната структура, а дополнително е завршено и расчистувањето што го изврши полицијата“.

Полицијата соопшти дека поради судирите во саботата биле приведени 12 лица. Уривањето на објектите во Лицерат веќе е започнато.

 

 

Back to top button
Close