(Видео) Калајџиев за Трилинг: Власта нема интерес да обзнани кои комуникации се следени кај Мицкоски
Однапред тешко е да се каже дали е на повидок нова партиско-полициска афера или се работи за „фингерајка“ за дефокусирање на јавноста, но она што може да го извлечеме како заклучок е дека работите се појавуваат како инциденти и афери. Она што е очигледно е дека во суштина постои некаков континуитет на беззаконие, недоволна контрола и законско и професионално постапување на службите кое што влече корени уште од стариот систем и кое во суштина никогаш не беше ни вистински реформирано, вели за „Трилинг“ универзитетскиот професор, д-р Гордан Калајџиев, околу последната афера поврзана со наводното следење и прислушување на функционери и јавни личности.
Професорот вели дека е интересно како јавноста, вклучително и политичките партии, многу брзо го губи интересот да се следат овие состојби, да се превенираат.
„И така од големите афери па се до последното како и констатираните состојби во извештајот на Прибе помина некој период и луѓето овие работи како да ги заборавија. Веројатно се запоставува или се оневозможува можноста да се востанови некаква контрола и генерално се губи интересот за овие состојби“, смета Калајџиев.
Околу наводите од тогашниот опозиционер а сегашен премиер Мицкоски дека бил предмет на безбедносна опсервација Калајџиев вели дека дипломатско-конзуларните претставништва по дефиниција вклучуваат разно разни агентури, разузнавачки служби и тие непосредно комуницираат и со партиите и со високи партиски фигури и теоретски е можно да нема злоупотреби и покрај тоа што можеби на еден или друг начин бил евентуално и следен.
„Ние знаеме дека нашите служби по традиција ја имаат таа слабост да функционираат повеќе по политички критериуми отколку професионално-безбедносни и тоа е стара болка. За конкретниов случај никој сега со сигурност не може да каже нешто без да се направи соодветна контрола на случајот и да се има целосен увид.
-Теоретски е можно да нема злоупотреби и покрај тоа што можеби на еден или друг начин бил евентуално и следен. Вие знаете дека дипломатско-конзуларните претставништва по дефиниција вклучуваат разно разни агентури, разузнавачки служби и тие непосредно комуницираат и со партиите, така што во следење на нивните активности не е чудо да се јават како таргет или како некој што упаднал во тие ситуации и високи политички фигури. И тоа не е лошо, ниту забрането доколку е „bona fide“ според професионални критериуми зависно од ситуацијата. Проблем е ако тие надвор од безбедносно-професионалните, од аспект на чиста злоупотреба, се ставени на опсервација за да се оцрнат. Затоа можни се и двете ситуации“, вели Калајџиев.

На прашањето зошто се има противење и скепса околу процесот на декласификација на содржината на прислушуваните разговори, доколку бил прислушкуван и следен, Калајџиев вели дека има Комисија за следење на комуникациите, која не е активирана иако не е јасно дали е во прв ред проблем прислушување или во случајов следење.
„Ако е прислушување, има посебна комисија за следење на комуникациите која сега не е активирана. Инаку е добро што таа комисија теоретски е можно да ангажира експерти, за разлика од оваа по општата Комисија за надзор којашто на по генерален план ја испитува законитоста на работењето на службите, но која што има сериозна слабост прво со тоа што политичарите што се пратеници немаат искуство и познавање од работата на службите и е прашање без надворешна помош на експерти дали воопшто може да се снајдат во контролата“, вели Калајџиев.
За тоа кој може да одобри следење и прислушување, професорот со одговор дека обичните судови и Обвинителството имаат многу построги и појасни критериуми врзани со конкретни кривични дела и тука процедурата е многу појасна и транспарентна.
„Во крајна линија процедурата по извесно време е отворена, бидејќи ако се појави предметот на суд таа се декласифицира и станува многу потранспарентно. Во принцип секогаш е по проблематичен делот со националната безбедност и Врховниот суд каде што одобрува.
-Природата на опасностите и на целата работа на службите е таква што они однапред претпоставуваат опасности. Не им треба квантум на докази како што бараме во кривичниот дел – постоење на сомнение за да се одобрат мерките па тоа оди низ контрола и можностите за злоупотреба се многу помали.
-Тука Врховниот суд е доведен во една ситуација за работи кои и самиот во суштина не ги познава. Имаме многу поголема опасност да се одобруваат мерки и тогаш кога очигледно не е потребно. Се претпоставува дека типот на злоупотреби на одобрување на мерки спрема препознатливи јавни личности од политичкиот и јавниот живот – новинари и сл. дека и самиот Врховен суд би можел лесно да препознае, дека тука нешто „смрди“ дека тоа нема да може.
-Инаку за други луѓе и поединци, кои се условно речено анонимуси Врховниот суд има многу тешка ситуација однапред да ги препознае злоупотребите и затоа е многу важно да има почести контроли. Нашиот Врховен суд, ако не се лажам, во време на Јово Вангеловски направи еднаш таква контрола, обвинителството мислам дека еднаш направи контрола во другиот сектор. Но целиот систем има и други дупки – особено тоа што се прецени улогата на минимизирање што ја нуди ОТА. Таа нуди гаранции во делот на класичната мобилна и фиксна телефонија, но имаме нејасен простор со овие други начини во упад на комуникациите. Техниките секојдневно одат напред“, вели проф. Калајџиев.
Говорејќи за сугестиите на Прибе за реформите во безбедносните структури и правосудството и колку тие негови препораки и барања се исполнети, професорот вели добар дел од тоа е спроведено, како што е тргањето на прислушувањето од УБК, монополот што го имаше Управата како одобрување и упаѓање дури и тогаш кога се работеше за правосудни органи.
-Добар дел од тие почетни работи се поместени, но работите одат секојдневно напред и сега се соочуваме со многу пософистицирани прашања. Ни де факто го надминавме тој проблем каде што УБК или службите можеа кого сакаат да прислушуваат, но не се затворени доволно сите дупки и дури и во време кога ги носиме законите останаа некои контроверзии. Во поново време се појави прашањето со комуникациите преку „Скај“ што ги добивме ние и други држави од Франција. Според мене тие пред нашите судови без судска одлука се користени како докази и тоа е неуставно. Но никој во државава не го поставува тоа како прашање, се држи под тепих, бидејќи така полесно може да ги затворат тие процеси против лица за коишто сметаат дека се, условно речено, ноторни криминалци, но од аспект на правна држава тука имаме сериозни проблеми.

Прашан дели смета дека Обвинителството е инертно и не реагира по допрен глас во однос на актуелниот случај за наводното прислушување, Калајџиев вели дека обвинителите немаат лесен пристап, но верува дека како што и самите истакнале, дека случајот ќе се расчисти во некој догледен период.
„Затоа е добро нивната работа да оди паралелно со работата на парламентарната комисија и на некој начин да се „подбуцнуваат“, а јавноста да остане заинтересирана“, вели Калајџиев.
За тоа каква разврска очекува, Калајџиев смета дека по природа на нештата шансите да да дознаеме се, зависи од самата природа на случајот.
„Јас не верувам дека сега државата има интерес да обзнани кој се комуникации се следени кај Мицкоски или било кој друг. Имаме еден посериозен проблем што дури на ниво на државата не ни е до крај јасно, бидејќи овие работат против непријателски служби и условно кажано непријатели на државата, ние уште не сме го надминале проблемот – кој тоа професионално и неполитизирано би ги определил вистинските непријатели и пријатели против кој делуваат тајните служби. Дали на пример израелските служби се пријателски или непријателски особено во овој контекст каде што практично таа држава е еден агресор.
-Од тој аспект аспект гледано мислам дека државава не може да си дозволи да се конфронтира со служби коишто се битни, пред сѐ мислам на западните држави. Затоа мислам дека ние вистината тешко би можеле да дознаеме зошто некои лица се следени и затоа мислам дека ќе се затвори без пошироката јавност да дознае повеќе што можеби е добро. Затоа велам дека е деликатна природата на целата оваа работа“, вели проф. Калајџиев и нагласува дека кога во државата би имале поголем степен на професионализам би имале многу помалку проблеми.
-Но такви сме какви што сме, вели Калајџиев и тој степен наш на политичка, правна и општа култура е под нивото на западните развиени држави и затоа нас некои работи што таму се регулираат на база на етички и професионални правила кај нас е проблем.
Осврнувајќи се на изјавата на премиерот дека никој од поранешните функционери нема да одговара дури и ако се измени Кривичниот законик Калајџиев вели дека малку се фетишизира таа слабост околу тие измени.
„Едно се реторики друго е вистината. Ние видовме и низ предметот со Кочани дека иако власта зборуваше во стилот „и брат да ми е ќе одговара“ се трудеа до последно, многу жилаво и многу безобразно, да ги заштитат своите кадри – од челниците на МВР до началниците и другите кадри па се удри на сметка да се приведуваат невини луѓе во однос на конкретниот настан“, вели Калајџиев.
Целото интервју со проф. д-р Гордан Калајџиев погледнете го во видеото.