ВИДЕО: Косовскиот полицаец бил убиен во заседа

Косовската полиција ги објави првите информации за синоќешното убиство на наредник од косовската полиција на северот на земјата. Според кажаното, полициската патрола во која биле три полицајци од Звечан дошле до селото Бањско бидејќи добиле пријава дека таму се поставени два камиона кои го блокираат мостот на влезот од селото. Во моментот кога полициското возило пристигнало на влезот на селото, кон нив бил отворен оган. Локалните мештани кажуваат дека константно се слушале пукања и детонации, а ситуацијата се смирила утринава во 7 часот.

Според неофицијални информации, граничните премини кон Србија се привремено затворени, а локалното населени за српските медиуми на Косово изјавуваат дека се под стрес бидејќи синоќа во селото се водела вистинска војна. Патот кој води кон селото е блокиран од косовската полиција, која трага по сторителите.

 

Косовскиот премиер Албин Курти, претходно, извести дека косовската полиција била цел на напад на засега непознати маскирани лица. Во нападот во близина на Лепосавиќ, бил убиен полициски наредник, а ранет уште еден граничен полицаец. Според Курти, истрелите од огнено оружје продолжиле и во раните утрински часови.

 

„Денеска околу три часот по полноќ во селото Бањско во Лепосавиќ е нападната косовската полиција, при што еден косовски полицаец е убиен, а друг е повреден. Убиениот е полицаец со чин наредник, додека повредениот е припадник на граничната полиција. Во овој момент продолжува пукањето од огнено оружје од различен калибар кон нашата полиција. Напаѓачите се професионалци со маски и вооружени со тешко оружје“ вели Курти.

Тој ја обвини Србија дека е директна одговорна за овој терористички напад со кој, според него е направен директен напад против косовската држава.

„Организираниот криминал со политичка, финансиска и логистичка поддршка од официјален Белград ја напаѓа нашата држава. Во оваа битка го штитиме и спроведуваме законот, ги штитиме и чуваме сите граѓани без разлика и независно Косово. Извршителите и нивните наредбодавачи нема да успеат, ќе бидат фатени, судени и казнети. Владата на Република Косово и државните институции се подготвени и координирани да одговорат на криминалот и криминалците, теророт и терористите“пишува Курти.

Повредениот полицаец е надвор од животна опасност, и се очекува да закрепне целосно.

Како резултат на нападот на косовските полицајци, претседателката Вјоса Османи која се наоѓа во посета на САД, ја прекина посетата и најави дека веднаш ќе се врати назад во земјата. За нападот, кажа дека е испланиран, оркестриран и изведен од српските криминални банди и дека со вакви инциденти се покажува дестабилизирачката моќ на криминалните банди кои се организирани од Србија.

„Нападите врз силите на редот на Република Косово се напади против суверенитетот на Република Косово. Очекувам сојузниците да ја осудат отворената агресија на Србија кон Косово и да го поддржат Косово во нашите напори за воспоставување на ред и да го зачуваме суверенитетот на секој дел од Републиката“ изјави Османи

Back to top button
Close