(ВИДЕО) Костадиновска-Стојчевска: На Охрид му се заканува бришење од УНЕСКО
Таа рече дека „Министерството за култура, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство, изработи нов предлог на закон за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, како и нацрт Закон за заштита на културното наследство и Предлог Закон за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. Овие законски рамки имаа за цел да ги зајакнат институционалните капацитети и третманот на наследството. Овие закони се повлечени“.
„Во владина постапка беа и новиот Закон за рибарство и аквакултура со посебен осврт на заштитените подрачја, Предлог Законот за прогласување на Студенчишкото блато во Охрид за заштитено подрачје во категорија IV парк на природата и Нацрт законот за Охридското Езеро за споменик на природата. Овие мерки беа насочени кон суштинска заштита на екосистемот на Охридското Езеро. И овие закони беа повлечени. Во завршна фаза беше и изработката на Физибилити студија за изработка на Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитената зона на крајбрежниот појас во Охридскиот регион, со цел севкупна и долгорочна заштита на брегот на Охридското Езеро. Оваа студија, заедно со новата ажурирана геодетска подлога изработена од Агенцијата за катастар на недвижности, беше клучна за системско урбанистичко планирање“ рече Костадиновска-Стојчевска.
Дополнително, според неа, „дури и по цена на сопствениот политички рејтинг, Градоначалникот од редовите на СДСМ Костадин Георгиевски влезе во бескомпромисна борба со отстранување на дивите платформи во Охридското Езеро. Но веќе по локалните избори 2021 година, воден од личниот интерес, негрижа и гол популизам, новоизбраниот градоначалник Пецаков дозволи обновување на овие платформи, дури и нивно проширување, што е во директна спротивност со препораките на УНЕСКО“.