(ВИДЕО) Костова: Да покажеме човечност и грижа – СДСМ ја повика ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Законот за Кочани

„Секој збор е мал кога се соочуваме со загуба каква што ја доживеа Кочани, роднините и семејствата на настраданите. Секој обид за утеха е тивок пред тагата на семејствата што изгубија сѐ. Но, како луѓе, како општество, имаме обврска – да покажеме дека сме тука за нив кога им е најтешко. Предлог-законот за поддршка на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани што го поднесовме е чин на солидарност, човечност и грижа. Законот содржи вистински решенија за помош и поддршка, не за политички поени“ рече денеска на прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова.

Вели „Искрена е намерата да помогнеме – на оние кои останаа без најблиските, на оние кои се повредени, на оние кои денес се борат и со физичка и со душевна болка.
Законот предвидува:
-директна финансиска поддршка за семејствата на настраданите,
-помош за повредените, вклучително и оние со долгорочни последици,
-поволности за децата кои поради лекување се отсутни од настава,
– мерки за здравствена, социјална и заштита во делот на работните односи“ рече Костова.

Според неа „овој закон ги опфаќа и семејствата од претходни тешки трагедии – Тетово, Ласкарци, Беса Транс, а со цел институционално да се постави фер, човечки однос на грижа за жртвите и нивните семејства. Нема закон што ќе ја избрише тагата. Но, со израз на солидарноста и грижата мора да покажеме дека државата не ги игнорира, туку знае да застане зад своите граѓани кога им е најтешко. Дека институциите знаат да бидат со своите граѓани – не со зборови, туку со дела“.

„За трагедијата во Кочани мора да има правда, одговорност, но и институционална, државна поддршка на сите на коишто им е потребна и неопходна. Во СДСМ веруваме дека кога станува збор за солидарноста и за човечката грижа, не смее да има партиски разлики, ниту политички поделби. Затоа, уште еднаш ги повикуваме пратениците од владејачката партија: да го преиспитаат својот став, да се издигнат над политиката и да дадат поддршка за ова законско решение. Да ја потврдиме најважната вредност – дека сме луѓе и дека можеме заедно да направиме нешто кога е најтешко“ рече Костова

Back to top button
Close