(ВИДЕО) Костовски: Се потврди дека ја говоревме вистината – Уапсените полициски службеници вчера се лица кои ги објавивме во серијалот „Вистината за Кочани“

„Денес се потврди се, СДСМ ја говореше вистината за Кочани од првиот ден. Уапсените полициски службеници вчера се лица кои СДСМ ги објави во серијалот „Вистината за Кочани“ како директно одговорни за дозволување на нелегалното работење на „Пулс“ и за сите безбедносни пропусти. Благодарение на објавените факти и притисокот, конечно се постапува. Но, не смееме да заборавиме: четири месеци директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, министерот Панче Тошковски и целиот врв на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваа да ја прикријат одговорноста. Наместо итно да постапат, тие бранеа и криеја свои функционери, лажеа јавноста и вршеа притисоци врз Обвинителството за да не се постапува против нивните кадри кои се докажано директно одговорни за пожарот во кој изгореа 62 деца“ рече денеска на прес-конференција Мартин Костовски – организациски секретар во СДСМ.

Според него, „во овој период многу веројатно биле уништувани докази, беше компромитирана истрагата, а родителите беа повторно понижени со лаги и игнорирање. Александар Јанев, како прв човек на БЈБ, има директна одговорност за своите подредени. Тој ги поставил, тој давал наредби – и затоа мора да понесе кривична одговорност. Истото важи и за Панче Тошковски, кој целиот период ја штитеше структурата во полицијата и тврдеше дека нема вина“.

„Христијан Мицкоски, пак, со недели ја користеше трагедијата за политички напади, обвинувајќи ги сите освен оние што ги поставил на функција. Ги лажеше родителите, ја манипулираше јавноста и се обидуваше да ја задуши вистината. Мицкоски, кој е некрофил сега? Дали си ти или СДСМ? Денес го отвораме прашањето: колку докази се уништени додека власта ја блокираше правдата? Колку одговорни лица ќе успеат да избегнат казна поради четиримесечното прикривање?“ праша Костовски.

Вели дека „без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски – нема целосна правда. А правда за Кочани мора да има“.

Back to top button
Close