(ВИДЕО) Левица со предлог закон – фриленсери, хонорарци, лица на договор на дело, слободни уметници и невработени да имаат здравствена заштита
„Во Македонија има една голема група на граѓани кои не се опфатени со здравствена заштита. Тоа се луѓе на договор на дело, хонорарци, луѓе со паушални примања, фриленсери, слободни уметници. Ако сте невработен и вашиот брачен партнер има примања над мизерниот праг од 24.000 денари месечно, вие повторно нема да имате здравствено осигурување. Дури и ако човек изгуби работа и ја продаде својата кола за да обезбеди сигурност за семејството, ќе го изгуби здравственото осигурување. Значи, наместо државата да ве заштити кога сте најранливи, таа се однесува како предатор.
Имаме ситуација каде што обичните граѓани плаќаат околу 33% давачки на своите приходи, додека оние со милионски заработки плаќаат само до одреден праг од околу 1,1 милион денари годишно, а над тоа не плаќаат ништо. Имаме случаи каде што луѓе пријавиле 19 милиони денари приходи, а платиле давачки само до тој праг. Зошто тие се привилегирани, а сите други плаќаат? Со овие две измени ќе направиме рез на оваа дискриминаторска политика ќе го избришеме прагот за здравствено осигурување и ќе обезбедиме фер систем на давачки“ рече Мециновиќ






