(ВИДЕО) Македонија на енергетска раскрсница – зелена транзиција или зависност од странство

Македонија, покрај од увоз на јаглен за производство на струја, е зависна и од увозите на странска струја. По падот во 2023 година, лани повторно пораснале процентите на увезената струја во вкупната потрошувачка во земјата. Македонија има преземено обврски за транзиција кон зелена енергија, за кои од странство доаѓаат потсетувања. Транзицијата би значела и загрозување на работни места, пишува Нота.

 

Македонија „со текот на годините станува увозно зависна земја во однос на потребите од електрична енергија, a почна и да увезува лигнит за производство на електрична енергија“, потенцира Регулаторната комисија за енергетика во извештајот за 2024 година објавен годинава. Во извештајот се додава дека „увозната зависност на Република Северна Македонија се одредува врз база на односот помеѓу домашното производството на електрична енергија и бруто потрошувачката на електрична енергија, во која се зема предвид потрошувачката на електрична енергија на крајните потрошувачи, вклучувајќи ја и електричната енергија потребна за покривање на загубите на електрична енергија во електропреносната мрежа и во електродистрибутивните мрежи“.

далековод струја електрична енергија

АД МЕПСО, како оператор на електропреносната мрежа, објавува дневни извештаи во кои стојат одредени количини на загуби во мегават часови. Прашавме на што се должат тие загуби, односно каде и како се губи произведената струја во Македонија?

Количината на загуби на енергија во електропреносната мрежа се пресметува како разлика од вкупниот влез на електрична енергија во електропреносниот систем и вкупниот излез на електрична енергија од електропреносниот систем. Тоа значи дека енергијата, од точката на влез во системот до точката на излез од системот, поминува одреден пат по проводниците, поминува и низ трансформаторите, при што доаѓа до нивно загревање. Таа топлинска енергија што се ослободува од елементите на електропреносната мрежа ја претставува загубата на енергија во електропреносната мрежа“, стои во одговорот од АД МЕПСО во кој се додава и дека „за МЕПСО количината на загуби на енергија зависи од висината на вкупниот конзум; од расположливоста и оперативноста на трансформаторските единици; од вкупното домашно производство на електрична енергија и од количината на транзитна електрична енергија низ електропреносниот систем на МЕПСО“.

Вредностите на загубената струја биле под дозволеното ниво.

„Движењата на енергијата низ електропреносниот систем се големи и постојани, па затоа загубите се неминовни. Сепак, тие се движат во рамки на планираните и се под дозволеното ниво на загуби на енергија во електропреносната мрежа на МЕПСО“, стои во одговорот на државната компанија, која управува со преносниот систем на електрична енергија во Македонија.

далековод струја електрична енергија

На земјата ѝ фалат постројки за складирање на произведената струја од обновливи извори. Затоа годинава се донел нов Закон за енергетика, според кој сите идни електроцентрали на обновливи извори ќе мораат да имаат и складишта за произведената струја.

„Со донесувањето на новиот Закон за енергетика се воспостави обврска сите нови фотонапонски електроцентрали да проектираат и изведат складиште за произведената електрична енергија во состав на електроцентралата. Имено, електроцентралите, кои користат варијабилен обновлив извор на енергија, имаат обврска во склоп на електроцентралата да инсталираат складиште на електрична енергија со инсталирана моќност еднаква на 20% од инсталираната моќност на електроцентралата изразен во MW“, објаснуваат во Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

За електроцентралите на соларни панели се сметал „збирот од максималните моќности на сите инсталирани инвертери“, а кај електроцентралите на ветерници се сметал „збирот од максималните моќности на инсталираните генераторски единици“. Во Министерството за енергетика додаваат и дека „капацитетот на инсталираното складиште мора да обезбеди циклус на полнење и празнење од минимум два часа со максимална инсталирана моќност на складиштето“.

Инвеститорите можат да достават барање за изградба на складиште на струја до оваа институција – како самостојна постројка или како дел од електроцентрала.

„Информираме дека во законски предвидениот рок се доставени  повеќе иницијативи за изградба на складишта  кои во моментов се обработуваат“, велат во Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

соларни панели ветерници знаме на ЕУ
© Adobe Stock

Македонија, како земја-кандидат за членство, мора да се усогласи со климатските политики на ЕУ. Тоа се однесува и на зелената транзиција. Доколку не ги исполни целите, може да се соочи со ограничен пристап до фондовите на ЕУ. Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во делот за енергетиката се нагласува дека препораките од минатата година не биле целосно имплементирани.

„Северна Македонија е умерено подготвена во областа на енергетиката. Постигнат е одреден напредок во обновливата енергија, со инвестиции во соларни електрани и во регионални гасни интерконектори. Земјата треба да го забрза својот премин кон зелена енергија и да ја намали својата зависност од јаглен и гас“, стои во извештајот од Европската комисија.

Европската комисија во Брисел е уште подиректна во укажувањето на преземените обврски во одговорот што го испрати до нас, укажувајќи на затворање на РЕК „Битола“ до 2027 година.

Европска комисија Брисел
© EbS EU

„Северна Македонија мора да ја намали зависноста од јаглен. ЕУ силно препорачува Владата да продолжи да ги спроведува и да ги следи усвоените планови и мапи за праведен премин, со цел најбрзо што може да се постигне постепеното укинување на јагленот. Според Националниот план за енергија и клима, термоцентралата на јаглен во Битола треба да биде затворена до 2027 година, што се смета за неопходен чекор кон исполнување на целите за декарбонизација на енергетскиот сектор до 2030 година“, стои во одговорот на Европската комисија во Брисел.

Производството на струја во Македонија е зависно од увозите на јаглен. Увозот на јаглен за македонската индустрија, во која спаѓа и производството на струја, меѓу јануари 2015 и септември 2025 година изнесува 5.563.477.456 килограми, или претворено во евра 338.321.680€. Во истиот период од Македонија се извезени 126.265.476 килограми јаглен во вредност од 6.073.082 евра.

1 / 10

Извоз на јаглен во 2015

Во Климатскиот и развоен извештај за Македонија на Светската банка, објавен во октомври минатата година, стои дека странскиот јаглен може да ја зголеми цената на струјата.

„Имајќи предвид дека Северна Македонија располага со ограничени резерви на лигнит, таквата продолжената зависност од јаглен најверојатно би барала зголемување на увозот на јаглен. Тоа, пак, би претставувало потенцијален ризик за енергетската безбедност на земјата, би ја зголемило просечната цена на производство на електрична енергија поради дополнителните транспортни трошоци и би наметнало финансиски товар врз економијата“, стои во Климатскиот и развоен извештај за Македонија на Светската банка, во кој се додава и дека:

„Забрзувањето на енергетската транзиција за постигнување економија со нето нула емисии во Северна Македонија до 2050 година е изводливо, но ќе бара радикални трансформации и одлучни чекори. До 2030 година, Северна Македонија може да ја постигне целта за 2030 (намалување на емисиите за 82 проценти во споредба со нивото од 1990 година) преку затворање на производството на електрична енергија од јаглен и агресивно зголемување на капацитетите за соларна фотонапонска и ветерна енергија“.

Од Први јануари 2026 година Европската Унија воведува Механизaм за прилагодување на јаглеродната граница, или на англиски Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM, со кој се предвидува увозниците во ЕУ да плаќаат такси за производи со високи емисии на стакленички гасови, како што се челикот, цементот, ѓубривата, алуминиумот, водородот, но и електричната енергија. Оваа таканаречена „јаглеродна царина“ има за цел да го спречи пренесување на загадувачкото производство, па и на струјата, надвор од ЕУ.

Работник во РЕК Битола

Прекинот на производство на струја од јаглен ќе значи и загрозување на работните места. Светската банка, преку Климатскиот и развоен извештај за Македонија објавен лани во октомври, ѝ укажува на Владата дека мора да направи краткорочни програми за преквалификација и долгорочни за промени во образованието:

„Работниците со пониско образование и мажите, во просек, се очекува да бидат непропорционално погодени од промените поврзани со зелената транзиција во Северна Македонија. Севкупно, со зелената транзиција, околу 66.000 работници во Северна Македонија ќе бидат во најголем ризик да ги изгубат своите работни места и ќе треба да ги променат своите занимања. Посебно внимание треба да се посвети на влијанието на зелената транзиција врз двата региони зависни од јаглен – Пелагонија и Југозападниот регион. Овие очекувања ќе бараат спроведување на План за праведна транзиција во јагленските региони и преквалификација на работната сила“.

Во РЕК Битола работат околу 2.300 лица, кои се загрижени за својата иднина.

„Ако хипотетички зборуваме за затворање на РЕК Битола до 2030 година, значи голем дел од нашите вработени, согласно старосната граница, по природен пат би заминале во пензија. Голем дел од другите вработени не би било проблем да се совпаднат со некоја нова енергетска постројка, не би имало проблем да се вклипат во технологијата што ја нуди таа“, вели директорот на РЕК Битола, Тони Петрушевски.

далековод струја електрична енергија

Македонскиот пазар на електрична енергија е целосно либерализиран. Електрани на Северна Македонија имаат обврска да ги обезбедуваат потребните количини на Универзалниот снабдувач за домаќинствата, објаснуваат во АД МЕПСО и додаваат дека „за останатите учесници нема ограничувања од каде ќе ја набават својата енергија, се разбира по пазарни услови и на недискриминаторен начин, согласно важечките правила и прописи“.

Прашавме колку струја се увезувала, а колку се извезувала од Македонија кон соседството. Добивме податоци за влез на енергија од соседните земји кон Македонија, и за излез од неа кон нив, за 2023 и 2024 година. Во 2023 година во Македонија од Србија, Бугарија, Грција и Косово влегле 3.806.377.124 киловат часови струја, а кон нив излегле 3.669.635.952 киловат часови струја. Во 2024 година се бележи пад во вкупната бројка, која на влез изнесува 3.801.229.585 киловат часови, а на излез 3.075.609.026 киловат часови струја. Во 2024 година за скоро 3,5 пати повеќе е влезена струја во Македонија од Грција, а пад се бележи кај струјата влезена од Србија и Бугарија.

увоз и извоз на струја во 2023 и 2024

„Ние како Оператор на електропреносниот систем можеме да ви доставиме податоци за влез и излез на енергија од и кон соседните земји, меѓутоа колку од таа енергија била наменета за снабдување во земјата и колкав процент била само транзит, тоа е прашање за снабдувачите и трговците со електрична енергија“, објаснуваат од АД МЕПСО.

Според Регулаторната комисија за енергетика, увозот на струја во минативе години се движел од 20% до 30% од вкупната бруто-потрошувачка на електрична енергија.Оваа институција го поткрепува своето тврдење за енергетската зависност од увозот преку процентите на увезената струја во потрошувачката во Македонија. Притоа се бележи повторен раст во минатата година, по падот во претходната.

„За прв пат во 2023 година нето увозот изнесуваше 2,75%, додека во 2022 година истиот изнесуваше 20,70%, а во 2021 година 33,15% од вкупната бруто-потрошувачка. Во 2024 година нето увозот на електрична енергија изнесува 11,03% од вкупната бруто потрошувачка на електрична енергија“, нагласува Регулаторната комисија за енергетика во годишниот извештај.

Регулаторна комисија - графикон произведена, потрошена и увезена струја
© Регулаторна комисија за енергетика

На сајтот на АД МЕПСО се наоѓаат планови за развој на електропреносниот систем и таму стои дека тоа е инвестициски документ, кој се публикува секоја година по одобрување од Регулаторната комисија за енергетика. Прашавме зошто последниот е од 2023?

„Согласно измените на Законот за енергетика, објавени во Службен весник на РСМ, бр. 236 од 07.11.2022 год., член 30 гласи: ‘Операторот на електропреносниот систем е должен на секои две години да подготви план за развој на електропреносниот систем за период од следните десет години во кој, согласно со барањата утврдени во мрежните правила за пренос на електрична енергија, треба да бидат содржани сите потребни информации за проширувањето и надградбата на електропреносниот систем, вклучувајќи ги и потребите и можностите за изградба и приклучување на постројки за складирање електрична енергија, како и приоритетите за изградба на нови интерконективни водови усогласени со операторите на електротреносните системи во регионот’. Според овие измени, за 2024 година, АД МЕПСО не изработи план за развој на електропреносниот систем за период од десет години. Планот за развој на електропреносниот систем за период од 2025 – 2035 година, е во нацрт верзија и за него беше организирана јавна расправа“ ,стои во одговорот од МЕПСО.

Македонија е во критична точка – мора да ја намали зависноста од јаглен и увоз на струја преку забрзана изградба на обновливи капацитети и складишта, додека паралелно обезбедува праведна транзиција за работниците. Во спротивно, земјата ризикува енергетска нестабилност, повисоки цени и проблеми поради неисполнетите преземани обврски.

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

Соработник: Сања Петров

Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Јаглен на раскрсница“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.

 

 

Back to top button
Close