(ВИДЕО) Миновски алармира: Македонската економија е пред сериозен финансиски тест

„Доколку ги следиме оние критериуми што ЕУ ги наметнува во однос на одржливоста на висината на јавниот долг, сметам дека со ова задолжување се наоѓаме некаде околу 63%, а границата 60%. За вакви економии каква што е македонската треба да се биде внимателен на начинот на којшто се менаџира јавниот долг и задолжувањето.

-Ние во наредните 7 години треба да вратиме долг од 8 до 8,5 милијарди што претставува сериозен предизвик од аспект на управувањето на јавните финансии. Несомнено е дека постојат и стари обврски, несомнено е дека треба да се обезбеди и ликвидност на буџетот, но треба да се биде внимателен и колку што е можно треба да одиме на фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит“, изјави за Трилинг, поранешниот министер за финансии Кирил Миновски, говорејќи околу тоа дали има простор за стравувања со оглед на тоа дека годинава ја стартуваме со нови и перманентни задолжувања задолжувања.

Фото: Трилинг / Кирил Миновски

Околу податокот дека година имаме една милијарда задолжување, за пет години ќе треба да вратиме речиси девет милијарди и дали во ваков случај ќе бидеме солвентни, Миновски вели дека тоа пред сѐ зависи дали економијата има капацитет да генерира раст.

„Македонската економија за да може да го сервисира долгот, пред сѐ неопходно е да генерира раст кој ќе биде поголем од овие 3% кој ги имаме за да може да се одржува тој сооднос на нивото на јавниот долг во однос на БДП во рамките на овие предвидени граници, за да се обезбеди одржливост на системот за јавни финансии.

-Она што е многу битно се стапките по кои се задолжуваме и несомнено е дека стапката на реалниот раст на БДП треба да биде поголема од висината на каматните стапки, за да се обезбеди еден дополнителен аргумент за овие задолжувања“, додава Миновски.

Фото: Трилинг / Кирил Миновски

За двете милијарди евра пруга, четири милијарди автопати, една милијарда унгарски кредит, што ќе тежат во наредните пет до седум години, и дали би биле товар ако имаме пораст на БДП од каматите што за кредитните линии, обврзниците, Миновски вели дека овие средства дел се обезбедени и потрошени, а дел се средства кои се во најава.

„Кога се трошат овие средства во инфраструктурата, неопходно е да се земат и други елементи предвид, односно дали постојат соодветни студии во однос на истите проекти за нивната економска одржливост. Неопходен е и менаџмент, заради тоа што доколку проектите не се имплементираат во предвидената временска рамка, тогаш се губи тој позитивен ефект што евентуално би го носеле овие капитални проекти“, смета Миновски.

Околу задолжувањата кај „Шпаркасе банка„, а претходно и кај „НЛБ“ и дали овие „блиц“ задолжувања се индикатор дека буџетот ни е праз, Миновски смета дека треба да се навлезе во деталите за причините за ваквите задолжувања.

„Треба да се види која е причината и дали има проблем со ликвидноста на буџетот и генералниот процес на управување со јавните финансии, како собирањето на даноците, така и генерирањето на обврски. Треба да се види колкава дупка постои во буџетот и на кој начин таа може да се изменаџира“, смета Миновски.

Фото Трилинг / Кирил Миновски

Прашан за тоа колку буџетскиот дефицит во ПИОМ има негативен импакт врз финансиско-економската состојба, Миновски вели дека тој проблем го имаме од самото осамостојување.

„Тоа беше една од причините за иницирање на реформата во 2004 година и креирање на тристолбниот пензиски систем. Во просек Македонија троши на пензиски систем од 9 до 10% од БДП, додека дефицитот се движи околу 4 до 5%. Ова претставува посебен предизвик, заради тоа што ја ограничува можноста за некаква креативност во управување со јавните финансии.

-Време е можеби да се преиспита самата одржливост на овој тростолбен пензиски систем, да се размислува за определени промени.

-Проблем претставува демографијата и заради тоа неопходно е да се направат нови проекции за де се види какво ќе биде оптоварувањето во новонастанатите услови. Исто така многу битен елемент е општата вработеност. Таа е на многу пониско ниво од онаа стапка на ЕУ“, вели Миновски.

Целото интервју погледнете го во видеото

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close