(Видео) „Ни ја убивте последната надеж, кој ја внесе пиротехниката? “ – мајка на жртва во „Пулс“ со прашања до истражните институции
Клекнати на коленици пред зградата на судот и Обвинителството, родителите на загинатите и повредените деца, посочија дека дале и повеќе од доволно време за истрагата. Според нив, органите на прогонот имале доволно време за детална и неселективна истрага.
„Овие институции ни ја потрошија и последната тронка надеж дека оваа држава може да нѐ заштити. Овие институции одново ги убија нашите деца, одново ја убија надеж во нас дека оваа трагедија, ако ништо друго, ќе биде лекција за во иднина и никогаш вакво нешто нема да се повтори. Министерот Тошковски и обвинителот Коцевски ни должат одговор како е можно полицијата да прави акциска контрола во објект кој воопшто не смеел да работи, објект кој немал валидна лиценца, а имал и блокирана сметка. Ако објектот не смеел да работи, тогаш институциите треба да одговорат кој направил пропуст, за дискотеката да биде отворена“, рече мајка на загинато момче.
Тие прашаа кој ќе одговара за внесувањето на нелегалната пиротехника, која била внесена и е причина за пожарот.
„Како може да нема одговор, 80 дена, кој ја внел пиротехниката? Како е можно 80 дена никој да не го знае потеклото на пиротехниката? Зошто не одговара никој од МВР кои согласно закон требало да ја контролираат пиротехниката?“, додаде таа.
Тие лоцираат одговорност и кај инспекторатите, кои сметаат дека направиле низа пропусти.
„Каде е одговорноста на УЈП кои го казниле објектот, но не го затвориле?“, рече мајката.
Замеруваат и на тоа што дел од притворите беа укинати за осомничените па викаат: „Тие луѓе денес се со своите семејства, за разлика од нашите деца, кои никогаш повторно не можеме да ги видиме. Нема да нѐ поколебаат коментарите на ботовите на социјалните мрежи. Ние нема што да изгубиме. Кажете што ви згрешија нашите деца, па да плукате по нив?“. (skopje1)