(Видео) Порошенко го повика Бајден: Дојдете во Украина, ние се бориме и за вас

Поранешниот украински претседател Петро Порошенко изјави дека американскиот претседател Џо Бајден треба да дојде во Украина идната недела, кога ќе престојува во Европа за самитот на НАТО во Брисел.

„Зошто мојот голем пријател, многу добар пријател на Украина, Џо Бајден, лидерот на глобалниот свет, кој сега демонстрира лидерство, не би дошол во посета тука идната недела, како симбол на нашата солидарност?“, изјави Порошенко за „Си-ен-ен“, облечен во војнички блузон и опкружен со војници во Киев.

Бајден ќе патува за Брисел за да учествува на самитот на НАТО на 24 март, а ќе гостува и на состанок на Европскиот совет, најави Белата куќа.

„Тоа ќе биде екстремно правилен чекор за да се демонстрира дека целиот свет е со нас против Русија“, додаде Порошенко.

Во изјавата, поранешниот шеф на украинската држава рече и дека Путин е „луд манијак“, како и дека Украинците имаат „непробојно единство“.

Порошенко повика на поостри санкции кон Русија.

„Мораме да преземеме дополнителни чекори за да ги заостриме санкциите и да го зголемиме дотурот на оружје за Украина, за да го натераме Путин да се врати во Русија“, рече тој.

„Не се бориме само за украинската земја. Се бориме за европската безбедност, за слобода, за демократија и за глобална сигурност. Исто така и за вас, за Соединетите Американски Држави. Мојата молба е: Ве молам, помогнете ни да го спасиме светот. Помогнете ни да ја спасиме Европа. Помогнете ни да ве спасиме вас“, изјави Порошенко за „Си-ен-ен“.

Back to top button
Close