(ВИДЕО) Повеќе од 600 загинати и илјадници повредени во силен земјотрес во Авганистан, Талибанците бараат меѓународна помош

Природна катастрофа го погоди источен Авганистан, каде што силен земјотрес од 6 степени по Рихтер усмрти најмалку 610 лица, а повеќе од 1.300 се повредени, соопшти Министерството за внатрешни работи на властите предводени од Талибанците.

Епицентарот бил лоциран на 27 километри од Џалалабад, петтиот по големина град во земјата, и околу 140 километри од Кабул. Според Геолошкиот завод на САД, потресот е регистриран на длабочина од 8 километри во 19:17 часот по Гринич.

Куќи и згради се урнати во повеќе населени места долж авганистанско-пакистанската граница. Локалните власти предупредуваат дека бројот на загинати би можел дополнително да се зголеми.

 

Спасувачките операции се отежнати од свлечишта и тесни планински патишта, а дел од погодените области сè уште се недостапни. Авганистанската привремена администрација распореди хеликоптери за евакуација и транспорт на повредените.

Жртви се пријавени во областите Нур Гал, Савки, Ватпур, Маноги и Чапа Дара во провинцијата Кунар, изјави официјален претставник за агенцијата Анадолија.

Владата побара меѓународна поддршка во справувањето со последиците, додека регионот продолжува да го тресе серија на афтершокови.

Земјотресот дојде само неколку дена по поплавите кои ги зафатија провинциите Нангархар и Кунар, во кои загинаа најмалку пет лица. Локалното население го опишува потресот како еден од најсилните во последните години.

Back to top button
Close