(ВИДЕО) Венко Филипче по упадот во „Инфомакс“: Власта спроведува српско сценариo

Прес конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче:

Ситуацијата е алармантна и затоа ја свикав оваа вонредна прес-конференција! Работата е навистина многу сериозна.

ВМРО-ДПМНЕ ЈА ИЗДАДЕ МАКЕДОНИЈА!

Денови наназад зборуваме за моделот кој е преземен од Србија. Моделот на Вучиќ што со години функционира таму, а речиси две години се применува кај нас тука во Македонија.

Имено, системот на корупција што во Србија функционира со децении, доведе до тоа во Нови Сад, токму поради корупцијата, 16 луѓе да го изгубат животот. Истото се случи кај нас 64 луѓе загинаа во Кочани.

По првиот протест на младите, студентите од Факултетот за драмски уметности на Белградскиот универзитет, непознати лица кои подоцна се покажа дека се членови на владејачката партија СНС на Вучиќ по налог ги претепаа со стапови и палки мирните демонстранти.

Веднаш потоа започнаа напади врз новинари, газење студенти со автомобили и физички пресметки со неистомисленици ширум земјата.

Насилни апсења на мирни демонстранти, постојани притисоци од полицијата, контролирано обвинителство и разни криминални групи. После сето тоа Србија се крена.

Протестите траат веќе една година. Студентите бараат избори шест месеци.

Вучиќ не смее да ги распише затоа што ќе ги изгуби полугите на моќ, бидејќи знае дека ќе одговараат и тој и неговите партиски послушници.

Ова сценарио го гледавме кај нас пред 10 години за време на владеењето на Никола Груевски и Сашо Мијалков. За време на владеењето на ова исто ова ВМРО-ДПМНЕ кое денес ја крои судбината на Македонија. Груевски, кој од Будимпешта, управува со Македонија.

Почитувани граѓани,

Нема да може!

Синоќа се случи инцидент. Повиците за насилство, претставници и симпатизери на власта резултираа со најголемиот медиумски инцидент после упадот во А1 Телевизија 2010 година, физички напад во живо врз новинарите на Инфомакас, додека траеше програмата.

Според информациите што ги добивме, напаѓачот е член на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Злоупотребата на власта и на моќта синоќа ја видовме на дело. Слободата на граѓаните и слободата на медиумите е загрозена!

Нема да чекаме да почнат да испраќаат тепачи, силеџии по домовите, по српскиот модел.

Српското сценарио на ВМРО-ДПМНЕ започна синоќа.

Зошто токму синоќа?

Како што знаете, повеќе денови наназад предупредуваме дека премиерот Мицкоски договорил преземање мигранти во Македонија.

Сите овие изминати денови бараме да одговорат:

– Дали е договорен план за преземање мигранти?

– Дали ќе им се дозволи и ќе им се даде постојан престој?

– Дали ќе им се обезби работа?

– Дали потоа ќе добијат македонски пасоши?

– Дали планираат да ги сместат во шатори или да им градат социјални станови?!

И како што гледате — НЕМА ОДГОВОР!

Одговорот е јасен:

МИГРАНТИ ВО ЈУНИ ВО МАКЕДОНИЈА!

По пишувањето на сите медиуми, не само македонски, туку и бројни релевантни странски после вчерашното одбивање на владата да одговори на британскиот „Тајмс“ на прашањето за мигрантите, се потврди тоа што СДСМ изминатите денови го изнесува во јавноста.

По обидите фокусот да го префрлат на измислени вести, лажни обвиненија, пријави сè, само да се дефокусира јавноста од горчливиот проблем со мигрантите.

По извлекувањето и избегнувањето премиерот Мицкоски… до пролет, после пролет, ќе бидам премиер, нема да бидам премиер… на сите ни е јасно што се подготвува.

По нашето последно обраќање, кога прашавме дали ВМРО-ДПМНЕ сака да го потпише документот Резолуција на предлог на СДСМ со која Собранието и Владата практично гарантираат дека нема да примаат мигранти и на тој начин ќе се реши оваа кризна ситуација, за да му дадеме гаранција на народот, за да ги смириме загрижените граѓани.

После се ова, не само што не сакаат да одговорат, туку по стар модел фабрикуваат приказни.

Изминатите денови гледаме како избегнуваат да одговорат на едно многу едноставно прашање:

ДА или НЕ?

Сфативме. И сфативме одговорот е: НЕ.

ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја потпише Резолуцијата. Не сака да даде гаранција на граѓаните на Македонија затоа што не може. Затоа што се обврзале да примат мигранти како дел од пакет-договор за кредит, за да продолжат да распишуваат тендери и да прават договори во четири очи за да ги трошат народните пари за своите бизнис-партнери.

 

И сега е апсолутно јасно:

Избори се планирани за пролет, и по моделот на Вучиќ е „ќе има литиум, нема да има, сепак ќе има“ (без да каже: по изборите), Мицкоски сега со истата техника сака да го протне проектот „Мигранти за пари“.

Сака да замачка очи на народот да го изврши ова страшно дело, за по изборите да си добие уште четири години власт, за да има време да ги избрише трагите на една од најголемите измами што граѓаните на Македонија ја доживеале во својата историја.

Доста ни е од лагите на ВМРО-ДПМНЕ!

Синоќешниот напад врз новинар и медиум е само почеток на заплашувањето. ВМРО-ДПМНЕ не може да дозволи пред избори народот да дознае дека ја издале Македонија.

Ги повикувам сите медиумски здруженија да застанат во одбрана на своите колеги, на правото на слобода на говор, на слобода на медиуми, на основни демократски начела за кои граѓаните на Македонија се изборија во 2016 година.

Нема да дозволиме да нè вратат во медиумскиот мрак во кој живеевме 10 години под нивна власт, мрак кој денес го гледаме во Србија.

Во мое лично име, во името на моите колеги, во името на Социјал демократскиот сојуз на Македонија, во името на сите членови на СДСМ, НАЈОСТРО ГО ОСУДУВАМ НАПАДОТ ВРЗ МЕДИУМИТЕ, конкретниот медиум Инфомакс и врз вработените таму.

Ги повикувам надлежните институции веднаш да се ослободат од стегите на ВМРО-ДПМНЕ и да почнат да си ја вршат својата работа. Извршителите и нарачателите мора да бидат изнесени пред лицето на правдата.

Поради сето наведено, ги повикувам на состанок сите релевантни политички партии, невладиниот сектор, граѓанското општество, студенти и угледни поединци да ги договориме следните чекори.

 

Сите како еден!

Сите за Македонија!

Да ги искористиме сите демократски механизми за да ја спасиме државата од предавниците ВМРО-ДПМНЕ.

Да ја спасиме земјата од српското сценарио на пропаст.

На сите им е јасно дека ако влеземе во тој модел, Македонија може да запре. А сега гледаме дека сериозно веќе успоривме. Тоа може да го загрози и онака разнишаниот систем и да доведе до ситуација во којашто нема да има пари ниту за ниту за пензии. И ова е само дел од она што може да се случи.

Гледаме дека Србија се соочува со голема криза, со можни финансиски санкции, со недостиг од нафтени деривати и гас, што може да предизвика целосен економски колапс.

Македонија не смее да го чека ова сценарио со скрстени раце.

Македонија мора да се одбрани!

Не смееме да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ да ја доведе во прашање безбедноста на нашите граѓани, на нашите повозрасни сограѓани, на нашите деца!

Почитувани граѓани,

ВМРО-ДПМНЕ, поради свои лични интереси, ЈА ИЗДАДЕ МАКЕДОНИЈА!

Сега е време сите, како еден, да застанеме во служба на нашата татковина! Друга немаме.

Да ја преземеме во свои раце судбината на Македонија!

Да се вратиме на единствениот исправен пат, патот на слободна, успешна, просперитетна, европска Македонија.

Нема да дозволиме Македонија да стане црна точка во Европа.

Време веќе нема!

Мораме веднаш, пред да биде предоцна!

Бидејќи борбата започнува ДЕНЕСКА!Правдата мора да победи!

Ви благодарам на сите. Наскоро ќе се јавиме и ќе ги објавиме нашите следните чекори.

Back to top button
Close