(ВИДЕО) Родителите на загинатите во ПУЛС до Обвинителството: Дали ќе сносат одговорност тие во МВР? Смената на командирите на началниците на СВР И ОВР не е доволна
Оти вие не знаете, на сета мака ние да ви кажеме, еве кој е виновен за трагедијата. Вака денеска родителите на загинатите во трагедијата во Кочани му се обратија на Јавното обвинителство посочувајќи ги виновниците кои тие ги пропуштија во истрагата за Кочани.
– Господа и госпоѓи јавни обвинители, ние ви се обраќаме вам, останаа 46 осомничени и тоа повеќе од тие кои треба да одговараат не се ни повикани на распот, не па осомничени. Морате да ги следите доказите, вистинските виновници мора да бидат откриени. Пулс работела нелегално, треба да се утврди одговорност за институциите, а бидејќи не можете да ги увидите, еве ние ќе ве насочиме:
– објектот функционирал без одобрение за пренамена, наемнина се плаќала на рака, дали ДПИ, МВР и УЈП имаат записник дека е направена контрола во овој објект? Дали има записници во Општината дека објектот не ги исполнува условите, еден од градоначалниците се жалел на бучавата, дали некој од нив преземал нешто?
Се ова е јавно достапно и ние на сета болка моравме да ги следиме законските норми за да знаете дека нема да манипулирате со нас, Сето ова во проширена верзија ќе биде објавено на Фејсбук, од каде ќе можете да ги преземете.
Премиерот ја покажа фалсификат лиценцата, но тука имаме и друг момет, како може цела година Пулс да работи со фалсификувана лиценца кога во Законот за угостителска дејност е наведено „министерството за економија пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца го потсетува имателот на лиценцата за истекот“. Дали некој проверил, актуелни министри, директори, ДПИ, УЈП? – прашаа родителите. Тие ги наведоа сите одговорни институции, Општина Кочани, МВР, УЈП, Државен пазарен инспекторат, Санитарен инспекторат и останатите.
– Контролата е мултиресорска, ниедна институција да не изврши контрола толку години? Дали ги повикавте на распит овие институции? – велат родителите.
За УЈП родителите откриваат дека ПУЛС работела со блокирана сметка и прашуваат дали УЈП требала да го затвори клубот уште во септември 2024 година?
– Дали е точно дека УЈП не постапила по својата законска обврска, дали некој ја стопирал постапката за затворање и ако да, зошто? Ова е ланец од институционални пропусти, нагласија родителите кои побараа државата да докаже дека законот важи за сите.
– Според информациите последен пат инспектори на УЈП во декември 2024 година имало контрола и утврдиле дека не се издаваат фискални и истата била пломбирана. УЈП демантира дека ПУЛС била пломбирана, но потврдува дека глоба била изречена. Дали инспекторката за економски криминал од МВР Кочани ги има проверено овие нерегуларности? – прашуваат родителите.

Еве зошто и министерството за внатрешни работи на чело со министерот сноси одговорност. МВР дава согласност и врши контрола за паркинг, јавен ред и мир, тие имаат и дополнителни инсгеренции и тоа проверка на работно време, пиротехника, малолетници и алкохол, објаснуваат родителите.
– Дали пиротехничките средства се набавени од физичко или правно лице, дали тоа лице има одобрение, дали лицето кое ракувало со пиротехничкиот материјал е стручно оспособено, дали ПУЛС имал дозвола за пиротехнички средства, особено затоа што на сите ни е познато дека претходно таму се употребувала пиротехника. Дали се повикани тие лица на распит? Дали ќе сносат одговорност тие во МВР? Смената на командирите на началниците на СВР И ОВР не е доволна и треба да се изврши темелен распит, нагласија родителите .

Родителите нагласија дека и самиот Тошовски кажал дека сите прогледувале низ прсти.
– Ние родителите нема да застанеме овде, ќе ја бараме правдата до крај, вистината ќе се обелодени во меѓународни размери и сите ќе одговараат, порачаа родителите. (infomax.mk)