(ВИДЕО) СДСМ бара: Ако постојат, МВР да ги покаже патните налози од одењето на Гаши по невеста во Косово
Опозицискиот СДСМ, оценувајќи го како уште еден во низата скандали на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, денеска побара одговори од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Собранието за патувањето на спикерот Африм Гаши во Косово со конвој службени автомобили заради, според информациите, приватни причини.
Според СДСМ, вчерашните неуспешни обиди да се заташка веста нема да поминат и затоа, како што велат, бараат од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и Собранието да одговараат на низа прашања што ѝ ги должат на јавноста, меѓу другото, и за тоа дали Гаши имал патен налог и документација со себе „за одење по невеста“ во Косово.
Најновото самоволие на претседателот на Собранието, како што кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција, потврдува дека коалициските партнери во власта не само што немаат намера да престанат со кршење на правилата, туку тоа го прават без да се грижат што мисли јавноста и граѓаните.
„Тошковски и МВР треба во најкус рок да одговорат, дали имал Гаши патен налог и документација со себе за ова одење по невеста? По која основа бил даден налогот и на колку денови? Бараме налозите, се разбира ако постојат, да се објават во јавноста. Граѓаните веќе не им веруваат на зборовите на Тошковски и МВР, потребни се докази“,
рече на Кузеска на прес-конференцијата.Од името на партијата, таа упати прашања и до, како што кажа, скандал-мајсторот Гаши, да одговори дали е етички со службено возило да оди по невеста во Косово и дали знае дека тој може да патува и со приватно возило и покрај тоа што неговото обезбедување може да користи службени возила.
„Дали знае дека е понижување за државата, вториот човек по ранг да оди по свадби и по невести со службено возило во соседни држави? Свесен ли е Гаши воопшто за важноста и достоинството кое треба да го носи позицијата претседател на Собрание или го смета тоа за приватна своина?рече Кузеска.
Од опозициската партија го прозваа и премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кого Кузеска го праша до кога ќе ги гази сопствените убедувања.
„Зошто го убедуваше народот дека секој политичар од неговата Влада кој се однесува непримерно и несоодветно ќе биде сменет? Или тоа не важи за албанскиот коалициски партнер на ДПМНЕ. Мицкоски ја труеше јавноста и граѓаните дека му е потребен нивниот глас за да ги спаси од самоволието на ДУИ, за на крај прво да направи коалиција со ДУИ и да им го надгради балансерот, а потоа да мижи пред понижувањата од ВЛЕН“,кажа портпаролката на СДСМ.
Собранискиот спикер Африм Гаши викендов повторно се најде во фокусот на јавноста, откако на социјалните мрежи се појави видео од колона автомобили, меѓу кои и службеното возило на претседателот на парламентот, кој, според тврдењата, како сват заминал по невеста во Косово.
Видеото изворно е објавено на фејсбук-профилот на порталот на албански јазик „Индекс.мк“.
Меѓу првите за случајот реагираа од Либерално-демократската партија (ЛДП) од каде што вчера побараа одговори дали ако собранискиот претседател Африм Гаши имал патен налог, по која основа е издаден, за која намена, во колкаво времетраење и колку сето тоа ги чини граѓаните со чии средства од даноците се одржуваат службените возила.
Од кабинетот на Гаши информациите за неговото патување за Косово со конвој службени возила ги оценија како неточни и тенденциозни тврдења на одредени медиуми.
„Претседателот на Собранието е придружуван од обезбедувањето 24/7, како што е наложено со закон. Овој безбедносен детаљ функционира строго во законската рамка и ги следи сите протоколи што ги бара државата. Претседателот на Собранието на 17 август 2024 година, заедно со неговото семејство, отпатува во соседната земја Косово. Оваа посета беше целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури. Пред поаѓањето уредно беа известени и Министерството за внатрешни работи и МНР и e доставена сета потребна документација според утврдениот протокол за секое службено лице кое ја напушта државата“напишаа вчера во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија.
Од неговиот кабинет не прецизираа која била причината за семејното патување на Гаши за Косово со неколку службени возила.
Ова е втора непријатна ситуација, за само неколку недели, во која се става самиот Африм Гаши. На почетокот на август тој, без законска основа, го прати своето обезбедување да ја решава ситуацијата на скопскиот аеродром откако косовската претседателка Османи одбила да ги помине безбедносните проверки.