(ВИДЕО) Шефот на данската дипломатија: „Не го цениме тонот на американската администрација“

Ларс Локе Расмусен, шефот на данската дипломатија возврати на критиките на американската администрација во врска со данското управувањето со Гренланд.

„Отворени сме за критики, но, да бидам искрен, не го цениме тонот на кој беа кажани“, истакна Расмусен во видео објавено на платформата Икс.

Тој додаде дека така не се разговара со сојузниците, а според него Данска и САД и понатаму се блиски сојузници.

„Договорот за одбрана од 1951 година им дава на САД бројни можности за посилно воено присуство на Гренланд. Ако тоа е она што го сакате, ајде да разговараме за тоа“, истакна Расмусен.

И премиерката на Данска, Мете Фредериксен, синоќа одговори на „нефер“ критиките од Американците, потсетувајќи дека тие отсекогаш биле на американската страна во „тешките ситуации“, мислејќи на учеството во воените коалиции во Ирак и Авганистан.

Одговорот од Данска уследи по еднонеделните тензии поради најавата за посета на американска делегација на автономната данска територија Гренланд. Вчера ЏД Ванс, потпреседателот на САД, ја посети американската воена база во Питуфик, од каде упати критики дека Данска го запоставила островот.

Тој нагласи дека очекува Гренланѓаните да „застанат на страната“ на Трамп, кој сака да го превземе Гренланд.

Данска во јануари соопшти дека ќе одвои речиси две милијарди евра за зајакнување на своето присуство на Арктикот и Северен Атлантик.

Back to top button
Close