(Видео) Штерјова: Власта задоцни и со превенцијата од западно-нилска треска – повторно го стави здравјето на граѓаните во ризик
На прес-конференција, Кети Штерјова денеска обвини дека институциите задоцниле со превентивните мерки против западнонилската треска, оценувајќи дека реакцијата повторно следува дури откако здравствената состојба почнала да се влошува.

Штерјова посочи дека по здравствената криза со водата во Гостивар, земјата сега се соочува и со нов предизвик поврзан со ширењето на западнонилската треска.
Од СДСМ велат дека станува збор за позната болест и дека појавата на комарците, климатските услови и ризикот од вектор-преносливи заболувања не се непредвидливи појави.
„Западно-нилската треска не е нова болест. Комарците не се појавија вчера, климатските услови не се појавија вчера, а ризикот од вектор-преносливи болести не е непознат“, истакна Штерјова.
Според податоците што ги презентираше опозициската партија, досега се регистрирани 26 случаи, од кои 24 се потврдени, има еден починат пациент, а пет лица се на механичка вентилација.
СДСМ прашува зошто превентивните активности не биле спроведени навреме и дали институциите направиле мониторинг на популацијата на комарци и проверка за присуство на вирусот.
Од партијата нагласуваат дека справувањето со западнонилската треска не треба да се сведе само на дезинсекција, туку бара координирана работа на здравствените, ветеринарните, еколошките и институциите за управување со кризи.
„Не станува овде збор само за прскање против комарци, туку за сериозни здравствени мерки и системска интервенција“, рече Штерјова.
СДСМ побара од надлежните да објаснат дали е спроведен ентомолошки мониторинг, дали комарците се тестираат за западнонилотскиот вирус, дали постои мапа на ризични подрачја и места за нивно размножување, како и дали е направена проценка на ефектот од досегашната дезинсекција.
Од партијата поставија и прашање зошто епидемијата е прогласена само во одредени скопски општини и населби и како ќе се контролира ширењето на вирусот во услови кога Скопје претставува поврзана урбана целина.
СДСМ побара итно формирање национален оперативен штаб со јасно определени одговорности, изработка на национална ГИС-карта на епидемијата и ризикот, засилен ентомолошки надзор и тестирање на комарци.
Дополнително, партијата бара мапирање и отстранување на местата за размножување на комарците, интегрирана контрола на векторите, како и објавување дневни извештаи за состојбата и проценката на ризикот на национално ниво.
„Справување со епидемија не е прскање против комарци и прес-конференција. Мора да има силен системски одговор со сет на мерки и активности“, порача Штерјова.
Од СДСМ заклучуваат дека институциите мора да воспостават функционален систем за навремена превенција и контрола, наместо да реагираат откако ќе се појават заболени и ќе се прогласи епидемија.






