(ВИДЕО) Шукова: Селекцијата на отпадот од домаќинствата ќе го намали притисокот врз Вардариште и Дрисла

Каја Шукова, кандидатка за Градоначалничка на Скопје од СДСМ, во интервју за ТВ 21 нагласи дека воведувањето систем за селекција на отпад на ниво на домаќинства е суштински чекор за справување со зголемените количини на отпад и за намалување на притисокот врз Вардариште и депонијата Дрисла, се наведува во соопштението од СДСM.

„Мора да почнеме со селекција на отпад уште од дома. Ако граѓаните добијат соодветни канти, контејнери и камиони што ќе го подигнуваат селектираниот отпад, количините можат да се намалат и до 50% во првиот период. Тоа значително ќе го олесни процесот на собирање, транспорт и третман“, изјави Шукова во интервју за ТВ 21.

Според неа, Скопје мора да воспостави систем кој паралелно ќе се справува со санацијата на Вардариште и со намалување на вкупната количина отпад која се пренесува до Дрисла. Овие две активности се тесно поврзани.

„Колку е помалку отпадот, толку се поефикасни и поевтини решенијата за неговото третирање“, рече Шукова во интервјуто.

Селекцијата на отпадот од изворот домаќинствата е темел на секој успешен систем за управување со отпад, смета Шукова. Граѓаните ќе бидат клучни партнери во решавањето на овој долгогодишен проблем, истакна таа.Шукова предупреди дека санацијата на Вардариште е сериозен технички и финансиски предизвик, кој бара професионален пристап, точни податоци и стабилно финансирање.

„Во Вардариште има, според проценките, над 2 милиони кубни метри отпад тоа е огромна количина. Еден кубен метар чини околу 10 до 15 евра за отстранување. Само тоа зборува за сериозноста на ситуацијата. Санацијата не е едноставен процес и бара систем за извлекување гасови, набивање на земјата со глина и, можеби, идно зазеленување, но не и парк барем не во следните 15 до 20 години“, изјави Шукова.

Таа посочи дека отпадот кој сè уште се наоѓа на оваа локација е стар, длабок и активен, на некои места достигнува длабочина од над 14 метри. Присуството на гасови што настануваат со распаѓањето на отпадот претставува реална опасност од самозапалување, особено ако нема контрола и извлекување на гасот.

„Санацијата на Вардариште не смее да се третира како козметичка мерка. Таа бара системски, научно базиран и долгорочен пристап, со јасен финансиски план. Скопје заслужува решенија што ќе гарантираат безбедност и здрава животна средина за сите негови граѓани“,рече Шукова во интервју за ТВ 21.

 

Back to top button
Close