(Видео) Со „крвави раце“ на прес, жените од СДСМ бараа оставка од Тошковски „за загубените животи“

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Каја Шукова, на денешната прес-конференција побара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по серијата трагедии поврзани со семејно насилство и институционални пропусти.

Уште колку животи треба да згаснат за одговорност? Уште колку трагедии треба да се случат за Панче Тошковски да поднесе оставка?“, порача Шукова.

Таа истакна дека јавноста е во тага, шок и гнев по последната трагедија во скопската населба Карпош, каде животите ги загубија мајка и нејзината малолетна ќерка.

„МВР на Панче Тошковски не ги заштити. Имало 12 пријави за две години за семејно, физичко и психичко насилство врз младата Ивана“, рече Шукова, прашувајќи колку жени пријавуваат семејно насилство, а институциите не реагираат навремено и соодветно.

Шукова се осврна и на други случаи кои ја потресоа јавноста. Таа посочи дека во Велес сериски насилник одзел два животи – на младата Росица и на нејзиниот татко, додека шест месеци се води предистрага дали 11 полицајци постапиле соодветно.

„Во Кумановско, во Старо Нагоричане, сериски убиец одзеде пет женски животи. Две години биле игнорирани пријавите на жителите. Повторно потфрлање на МВР“, рече Шукова.

Таа потсети и на трагедијата во Кочани, во која загинаа 64 лица, оценувајќи дека министерот се обидува да ја избегне одговорноста.

„Сè прави за да ја тргне одговорноста од себе. Организира собири со празни приказни дека ќе штити 24 часа. Ги повикува институциите, а тој води институција. Сè е пропаганда, никаде нема одговорност“, изјави Шукова.

Во пресрет на Меѓународниот ден на жената – 8 Март, таа повика на гласна реакција против насилството и институционалните пропусти.

Форумот на жени на СДСМ најави протестен марш во Богданци со почеток во 12 часот, а воедно даде поддршка и за граѓанскиот марш во Скопје.

„Од Скопје до Богданци, цела Македонија – сите во еден глас. За сите обесправени, понижени жени, за сите жртви и за сите изневерени од системот. Да се крене гласот и да се каже доста е“, порача Шукова.

„Нема да молчиме. Има да нè има. Рацете ви се крвави. Оставка!“, додаде претседателката на Форумот на жени на СДСМ.

Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=CD6C1OOZrvA

 

 

Back to top button
Close